Владимир Путин лично дал зелено светло за операција на руската разузнавачка агенција насочена кон туркање на Доналд Трамп за претседател на Соединетите држави во 2016 година, објави „Гардијан“, повикувајќи се на документи што протекоа од Кремљ и кои јасно го покажуваат нивото на мешање на Москва во претседателските избори на САД.
Според „Гардијан“, кој го проучувал рускиот „пејпер“, Путин се состанал со своите водечки шпиони и високи министри на 22 јануари 2016 година. За време на состанокот, официјалните лица одлучиле да го поддржат, како што рекоа, „ментално нестабилниот“ Доналд Трамп. Кремљ се согласил Трамп во Белата куќа да ги турка Соединетите држави во „социјален немир“ и да ја ослабне преговарачката позиција на Вашингтон.
На состанокот присуствувал и Сергеј Шојгу, министер за одбрана задолжен за руската воена разузнавачка агенција ГРУ, Михаил Фрадков, тогашен шеф на руската надворешна разузнавачка служба, Александар Бортников, шеф на шпионската агенција ФСБ (поранешна КГБ) и Николај Патрушев, поранешниот директор на ФСБ.
По состанокот, Путин, наводно, издал указ со кој им наредил на разузнавачките агенции во земјата „да најдат практични начини“ за поддршка на Трамп, кој во тоа време стана лидер на Републиканската партија во трката за претседател. Исто така, според „Гардијан“, тој основал нова и тајна комисија предводена од Шојгу, Фрадков и Бортников. Шојгу бил назначен за претседател на комисијата.
„Неопходно е да се искористи сета можна сила за да се олесни изборот на Трамп за претседател на САД“, се вели во документот.
Рускиот „пејпер“ означен како „таен документ“ вклучува краток психолошки профил на поранешниот претседател на САД. Трамп е опишан како „импулсивна, ментално нестабилна и неурамнотежена личност која страда од комплекси на намалена вредност“.
Во документите се тврди дека Кремљ имал некаков „компромитирачки материјал“ за Трамп од претходните „неофицијални посети на Трамп на Руската Федерација“.
Се наведува дека западните разузнавачки агенции ги разгледувале документите неколку месеци. Иако вистинитоста на документите не е официјално потврдена, независни експерти за „Гардијан“ потврдија дека се автентични.
Кремљ, се разбира, го отфрли извештајот на „Гардијан“, а портпаролот на Путин, Дмитриј Песков ја нарече „измислена“ идејата дека рускиот претседател решил да го поддржи Трамп во 2016 година.
Путин постојано ги негираше обвинувањата дека Кремљ се мешал во изборите во 2016 година. Но, времето на одржувањето на спорната средба се совпадна со неколку настани кои уследија.
Неколку недели подоцна, руски хакери извршија сајбер напад врз Демократскиот национален комитет. По нападот, беа објавени илјадници приватни електронски пораки со цел да се оштети изборната кампања на ривалот на Трамп на изборите – Хилари Клинтон.
Рускиот „пејпер“ не ја именува Клинтон, но сугерира дека е потребна мобилизација на сите медиумски ресурси за да се поткопаат водечките американски политички фигури.
Постојат пасуси за тоа како Русија може да внесе „медиумски вируси“ во американскиот јавен живот што може да се реплицираат. Подоцна истата година, ЦИА во тајна проценка заклучи дека Русија интервенирала на изборите за да му помогне на Доналд Трамп и да ја наруши довербата во американскиот изборен процес.
Истрагата на американскиот Сенат за разузнавање во 2016 година заклучи дека Путин директно наредил хакирање. Русите користеле платформи за социјални медиуми, особено Фејсбук и Твитер, за да шират дезинформации во обид да влијаат на претседателската трка.
Внатрешен извештај на „Фејсбук“ откри дека Фејсбук имал најмалку 470 лажни профили кои биле поврзани со руските намери и ширењето дезинформации.