Во Центарот на градот ја градиме најголемата пешачка зона во Европа која ќе се протега од Собрание до Палома Бјанка и од Стара Железничка до Бит пазар, посочи денеска актуелнот крадоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов.
„Го пробиваме јужен булевар како ултрамодерна подземна сообраќајница која завршува со модерен кружен тек кај Нова Македонија, а со една двокатна ротонда кај Нова Македонија и две двокатни ротонди од правецот на Бихаќка кон Рампа, го поврзуваме центарот на градот на оската исток – запад, со што ќе се намали протокот на возилата на улиците Железничка и Кирил и Методиј“, изјави тој.
Шилегов нагласи дека според неговите, веќе започнати проекти, целосно ќе биде завршен и булеварот Словенија кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на Љубљанска.
Според него, ова е важен коридор за комуникација на компаниите од индустриската зона Визбегово во која егзистираат околу 2.500 вработени лица, како и за сите граѓани кои патуваат кон соседно Косово.