Др.Кочински: Грип и КОВИД имаат многу заеднички симптоми, потребно е тестирање за да се направи разлика

од Vladimir Zorba
721 прегледи

Никој не може да предвиди кога ќе заврши пандемијата, особено не сега кога сме сведоци на појава на новата омикрон варијатата која интензивно и забрзани се шири во светот. Присуството на КОВИД-19 во светот во изминатите две години, полека но сигурно нé учи како да живееме со корона вирусот, вели во разговор за „Локално“, д-р Драган Кочински, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.

-Настинка, грип и КОВИД-19 се респираторни инфекции кои ги предизвикуваат различни вируси, меѓутоа може да имаат слични репираторни симптоми. Настинката е најблага форма на респираторна инфекција, симптомите започнуваат постепено, најчесто е пратена со кијавица или блага кашлица, течење или затнат нос, и обично поминува за 3-4 дена, објаснува епидемиологот.

Тој вели дека грипот започнува нагло со висока температура пратена со треска, болки во зглобови и мускули, изразена општа слабост, главоболка, и не секогаш болка во грло, течење или затнат нос, се јавува кашлицата која може да биде честа и упорна.

-Грип и КОВИД-19 имаат многу заеднички симптоми како: покачена температура или треска, кашлица, отежнато дишење, болки во грло, течење или затнат нос, болки во зглобови и мускули, главоболка, повраќање, дијареа, додека губење на осетот за вкус и мирис е почесто кај КОВИД-19. За да може да се направи разлика и дијагностика дали станува збор за грип и КОВИД-19 потребно е да направи лабораториско тестирање со кое ќе се докаже причинителот. За да се направи разлика односно да се одреди варијантата на корона вирусот која предизвикала КОВИД-19 инфекција потребно е да се направи секвенционирање – молекуларна дијагностика на детектираниот корона вирус, објаснува Кочински.

Епидемиологот вели дека сите респираторни вируси се пренесуваат на ист начин, при близок контакт со инфицирано лице преку респираторните капки кои ги ослободува при зборување.

-Заразување со два респираторни вируси е можно и тоа се нарекува коинфекција. Сите респираторни вируси се пренесуваат на ист начин, при близок контакт со инфицирано лице преку респираторните капки кои ги ослободува при зборување, кашлање или кивање, или доколку лицето допира претходно контаминирани површини со респираторен вирус, а потоа ги допира своите нос, очи или уста, вели Кочински, објаснувајќи дека се уште не е позната причината зошто некои лица заболуваат по два или три пати од КОВИД-19.

Според него не постои гранична вредност на антитела која може да одреди дали некој има доволно имунитет или не спрема КОВИД -19.

Кочински смета деновите за изолација треба да се намалат поради пократкиот период на инкубација на омикрон варијантата

-Со оглед на тоа што болниот од КОВИД-19 е најзарезен еден до два дена пред појава на симптомите и на самиот почеток на болеста од една страна, од друга страна зголемената трансмисивност на восокозаразната омикрон варијанта која силно го афектира нормалното функцинирање на општеството во целост, потребно е да се намалат деновите на изолација на потврдените. Пократкиот период на инкубација на омикрон варијантата, најчесто од 3-5 дена, ја наметнува потребата и за намалување на карантинот/самоизолацијата и на контактите на заболените, вели тој.

Б.М.

Слични содржини