Државните компании кои имаат монопол на малопродажбата на алкохолни пијалоци во Финска и Шведска денеска објавија дека ги отстраниле сите руски пијалоци, вклучително и вотката, од своите полици по почетокот на руската инвазија на Украина.
„Алко“ како одговорен оператор од денеска ја прекина продажбата на руски производи од својот асортиман во продавниците и онлајн, се вели во соопштението на финската компанија.
„Ситуацијата во Украина е шокантна и ние ја сфативме сериозно“, изјави за АФП, Ана Коскинен, портпаролка на групацијата која нуди повеќе од 11.000 производи, вклучително и околу 30 руски производи, главно вотка.
Симболичната мерка, одлуката која се однесува на 0,1 отсто од прометот на „Алко“ е донесена во знак на солидарност со Украина.
Во соседна Шведска, Системболагет донесе слична одлука.
Државната компанија одлучи веднаш и на неодредено време да ја запре продажбата на сите руски производи во својот асортиман и да ги откаже сите планирани промоции на руски производи, се вели во соопштението.