За една недела бројот на позитивни случаи е зголемен за околу 65 проценти. Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ вели дека со цел да се донесат нови мерки потребно е да се следат и други параметри.
-Комисијата за заразни болести во изминатиот период најави дека мерките што ќе се носат, а ќе бидат во насока на превенција и ќе бидат согласно параметрите што ги следиме од Центарот за контрола за болести, а тоа не е само бројката на новозаразени, туку се и болничките капацитети, односно исполнетоста на болниците, како и бројот на починати што се регистрираат согласно дневните Ковид статистики, вели Мехмедовиќ.
Комисијата за заразни болести не препорачува нови мерки, а остануваат да важат актуелните мерки за задолжително носење маска во јавниот превоз, здравствените домови, аптеките, старечките домови и домовите за лица со попреченост.
Пред неколку дена министерството за здравство донесе одлука за вакцинацијата со четврта доза против коронавирусот.
-Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, пациенти на дијализа, трансплантирани, онколошки пациенти, имунокомпромитирани и пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на вирусот Ковид-19. Државата располага со доволни количини вакцини, кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат во вакциналните пунктови со вакцина против Ковид-19, со цел да стекнат дополнителен имунитет, велат од Министерството за здравство.
Досега во земјата се направени вкупно 2.087.721 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 315.402, бројот на оздравени пациенти е 304.599, на починати е 9.329, а бројот на активни случаи изнесува 1.474.