Плаќањата од страна на граѓаните во трговијата во земјата со платежни картички издадени од издавачи во земјата, во вториот квартал од 2022 година, забележаа годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 22,9% и 17,8%, соодветно. Притоа, бројот на извршени трансакции забележа годишен раст од 18,3% на физичките места на продажба, односно од 12,6%, на виртуелните (интернет) продажни места, во споредба со вториот квартал од 2021 година. Овие податоци укажуваат дека граѓаните и натаму сè повеќе ги користат дигиталните канали за вршење на плаќањата, соопштија од НБРМ.
Во првото полугодие на 2022 година, кај граѓаните е остварен годишен раст на вкупниот број на плаќања со платежни картички и кредитни трансфери од 15,1%, односно 10,9%, соодветно.
Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер, во вториот квартал од 2022 година, е забележан годишен раст од 14% кај вредноста на трансакциите, односно 5,5% кај бројот на извршените трансакции, во споредба со истиот период од 2021 година.
Граѓаните и понатаму ги користат придобивките од електронското банкарство при иницирањето на кредитните трансфери. Така, бројот на електронски иницираните кредитни трансфери во вториот квартал од 2022 година се зголемил за 11% на годишна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации (раст од 19,9% на годишна основа), што повторно укажува на натамошно менување на навиките при извршувањето на плаќањата во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање.