За да се постигне мнозинство од две третини од гласовите на пратениците за уставни измени и внесување на Бугарите и некои други заедници во премабулат на Уставот, политичките аналитичари предвидуваат дека со помош на меѓународниот фактор сите политички партии на Албанците ќе влезат во Владата, а како што велат, „ќе се купуват и пратеници“.
– Власта е пред “затишје пред бура” . Секогаш имало судири меѓу политичките партии кои за жал имаат различни ориентации. Има партии кои се на проевропска линија, а има и други кои продолжуваат да функционираат на национална база. Но, сега кога овие судири во деликатен момент станаа многу сурови, единственото решение за овој политички ќорсокак што постои долго време е проширена влада. Овде мислам дека и Меѓународниот фактор ќе има улога во оваа варијанта на широка коалиција бидејќи уставните измени не можат да се случат поинаку, особено кога опозициските партии на Македонците не се подготвени да се поколебаат од своите позиции, изјави за Локално, Урим Салиу- политички аналитичар.
Политичкиот аналитичар Оливер Ромевски предвидува дека Американците ќе се обидат во наредниот период да ги внесаат сите партии на Албанците во Владата.
– Ќе се обидат да го амортизират малку економскиот притисок со правање фактички кворум, а од друга стране да се обезбеди двотретинско мнозиство за уставните измени. Се надеваат дека со купување на пратеници, инистирам на купување пратеници затоа што во изминатиот период имавме буквално купување на пратеници. Тоа не е политичка размисла дека тие во моментов го менуваат својот став, свеж ни е случајот со пратеникот на БЕСА. Со купување на пратеници ќе се обидат да ги создадат тие 80 потребни пратеници. Иако, по Уставот, каде што јас се сметам за компентентен, бројката мора да биде 81 пратеник, изјави Ромевски за „Локално“.
Од друга страна, политичкиот аналитичар Шпат Исени смета дека политичките партии мора да преземат одговорност за постапките кои се однесуваат за судбината на државата.
– Северна Македонија сега премина во друга фаза за да ги исполни своите обврски во однос на европскиот пат, политичките партии мора да преземат одговорност за постапките што однесуваат за судбината на државата. Сите се свесни дека се неопходни уставни измени за да се дојде до финализирање на патот кој трасиравме низ години. И македонската и албанската страна мора да ја имаат предвид перспективата на нашата земја и единствениот пат, а тоа е членството во Европската Унија. Верувам дека за овие измени ќе се постигне потребниот број пратеници и ќе се постигне целта на европската перспектива, изјави Исени за „Локално“.
Д.Ј.