ОПМ: Огревното дрво дефинитивно не се продава за 3.000 денари

од Берта Китинска
273 прегледи

Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) посочуваат дека дека во зимскиот период очекуваат да се зголеми бројот на претставки поврзани со сметките за струја.

Изминатиот период реакциите се околу цената на трансмисија на струјата, која најмногу ги буни граѓаните. Имаат и реакции од граѓаните и за цената на огревното дрво, кое дефинитивно не се продава за 3.000 до 3.500 денари.

– Луѓето не можат да ги најдат тие дрва по 3000 денари. И јас лично барав, не можев да ги најдам. И кога правевме истражување пак не најдовме. Сега ќе мора да купат помалку од потребното, за дополнително не го оптеретат буџетот. Таква цена од 3000 до 3500 денари нема – вели претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.

Таа забележа дека треба да има и субвенции, но и поволни кредити за граѓаните кои купуваат инвертор клими и се залагаат за заштита на животна средина.

Според регулативата на ЈП „Национални шуми” цената за еден кубен метар дрва за огрев е 3.000 денари, но во последниот период, откако граѓаните почнаа да набавуваат дрва за греење на домовите во зимскиот период, се проширија информации дека тие плаќаат најмалку 50 проценти повисока цена од предвидената, односно над 4.500 денари за кубен метар.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, наведе дека, откако дознал за ова, на минатата владина седница алармирал за проблемот и, како што нагласи, очекува утре да добие информација од Пазарниот инспекторат и од Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

Ние ја отворивме оваа тема на минатата владина седница. Во правилникот пишува 3.000 денари. Зошто се продава со вакви цени во приватниот сектор очекуваме да добиеме информација од Инспекторатот – посочи министерот.

Слични содржини