Елена од FitLife: На празничната трпеза ништо не е забрането, доколку ја почитувате границата

од Stefanija Kuzmanovska
367 прегледи

За време на празниците несвесно внесуваме повеќе отколку што ни е потребно. Пробајте да ја внесувате храната свесно, толку колку што ви е потребно да ве засити, а не да ве пресити. Ви предлагам да направите неколку здрави алтернативи или да ја збогатете трпезата со некои нискокалорични специјалитети, вели во интервју за „Локално“ Елена Ѓоргиевска, фитнес инструктор во студиото FitLife, која на својот профил на Инстаграм покрај совети за вежбање споделува и бројни вкусни и здрави рецепти.

„Доколку се храните здраво и прилично нутриитивно богато, кифличките и руската салата за празниците не би требало да ви наштетат. И ништо не е штетно и не е под забрана, доколку ја почитувате границата. Исхраната не треба да ја доживуваме како рестрикции, правила и забрани“, објаснува Ѓоргиевска.

Во однос на паузите од вежбање кои повеќето луѓе ги прават за време на празниците, таа истакна дека паузите не се штетни и дека на нашето тело му треба регенерација и одмор.

„Може повеќе да пешачите или доколку ја имате таа можност да одете некаде на подолги прошетки на чист воздух. Потребен ни е одмор, не само физички, туку и ментален. А потоа со нови сили ќе се навратите на старото и уште појако темпо“, наведе Елена.

Додаде дека најважен е балансот.

„Спојот од храна и фитнесот дава најдобар и што е најважно долготраен резултат“, подвлече таа.

Како да се избегне додавањето на вишок килограми за време на празниците?

– За време на празниците несвесно внесуваме повеќе отколку што ни е потребно, зошто најчесто таа храна емотивно не асоцира на среќа, посебност и на нашите најблиски. Пробајте да ја внесувате храната свесно, толку колку што ви е потребно да ве засити, а не да ве пресити. Ви предлагам да направите неколку здрави алтернативи или да ја збогатете трпезата со некои нискокалорични специјалитети.

Иако месецов, како и оние што следат ќе бидат постудени, како да ја пронајдеме мотивацијата да бидеме физички активни? Кои активности ги препорачуваш?

– Во последно време, а особено со изолација поради короната, фитнесот изобилува со кратки, но многу ефикасни видеа кои може да ги извежбате и дома, без никакви реквизити. Моја препорака е комбинација од неколку активности како кардио, истегање и кондиција. Јутјуб и инстаграм изобилуваат со видеа од табата тренинзи кои траат 20/30 минути за кои може да одвоите време и во најголемите гужви.

Покрај тоа што работам како инструктор по аеробик и пилатес повеќе од 5 години, студирам на медицински факултет за физиотерапевт и свесна сум колку многу ни е потребно истегнувањето и тренинзите со фокус на флексибилност. Би ви препорачала стретчинг (вежби за истегнување).

Како да се постигне балансот меѓу руската салата, кифличките, алкохолот и сл. и внесот на доволно хранливи материи?

– Доколку се храните здраво и прилично нутриитивно богато, кифличките и руската салата не би требало да ви наштетат. И ништо не е штетно и не е под забрана, доколку ја почитувате границата. Исхраната не треба да ја доживуваме како рестрикции, правила и забрани. Кога знаете дека ќе одете на гости или ќе јадете некоја пообилни храна, испланирајте си ги оброците пред тоа. Доручкувајте тој ден нешто понискокалорично и поздраво, напијте се витамини и потрудете се да останете физички активни.

Што ќе им порачаш на оние кои досега биле физички активни, но одлучиле да направат подолга пауза од вежбање за време на празниците?

– Паузите не се штетни, на нашето тело му треба и регенерација и одмор. Потрудете се сепак да не се прејадувате. Може повеќе да пешачите или доколку ја имате таа можност да одете некаде на подолги прошетки на чист воздух. Потребен ни е одмор, не само физички, туку и ментален. Обидете се да медитирате. А потоа со нови сили ќе се навратите на старото и уште појако темпо.

После празниците многумина ќе започнат со диети со цел да ги загубат „празничните килограми“. Што би ги советувала нив? Колку е опасно по здравјето да се прескокнуваат оброци и да се изгладнува организмот? Кој е здравиот начин да се изгубат вишокот килограми?

– За жал не постои магична диета или некое стапче со кое без труд и дисциплина би ги намалеле килограмите. Најздравиот начин е да изработите еден добар план и за исхраната и за физичка активност. Спојот од храна и фитнесот дава најдобар и што е најважно долготраен резултат.

Диети, а особено долги гладувања можат само да ви наштетат. Консумирајте ја храната свесно. Не си дозволувајте да останете прегладнети и потоа вечерата да ви биде обилна и тешка. Пробајте да ги намалите простите јаглехидрати, како што се бел леб, бело брашно, макарони и шеќер. Тоа се празни калории, без нутриитивни вредности. Збогатете го вашиот арсенал со зеленчук, овошје, извори на омега 3 и витамини. Не се прагладнувајте, но и не се прејадувајте. Најважен е балансот.

С.К.

Слични содржини