Нема никакви дилеми дека парламентарното мнозинство е зајакнато и стабилно, изјави денеска пратеничката на СДСМ и коалицијата, Санела Шкријељ.
– Да немате дилеми дека парламентарното мнозинство е зајакнато и стабилно и дека предлозите за нови министри ќе бидат поддржани. Апсолутно да, рече Шкријељ на денешната прес-конференција во Собранието.
Пратеничката потсети дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и коалицијата вчера ги усвои законите поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“.
– Надминати се сите пречки и граѓаните од Македонија, Србија и Албанија сега можат да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без малтретирања и чекања, без административни трошоци. Ова значи унапредување на мобилноста на работната сила, но и зајакнување на конкурентноста на македонската економија и регионалната соработка. Граѓаните сега ќе имаат поголем избор на работни места, а компаниите нова зголемена база на стручен кадар кој може да го ангажираат. Сето тоа ќе влијае на намалување на невработеноста и зголемување на платите на сите три земји кои се дел од иницијативата, рече Шкријељ.
Таа истакна дека пратениците од опозицијата со неприсуството на вчерашната седница кога се гласаше за ратификација на договорите, покажуваат, како што рече, игнорантски однос кон институцијата во која работат, но и кон граѓаните и државата.
– Сепак, и овие придобивки не беа доволни пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се одважат и да ги поддржат законските измени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не само што не гласаа, туку и не присуствуваа во салата кога се носеа одлуките, покажувајќи еден игнорантски однос кон институцијата во која работат, но и кон граѓаните и државата. Истото го сторија и за ратификацијата на Договорот со ФРОНТЕКС, но и за измените на Кривичниот закон со кој овој закон се усогласува со Истанбулската конвенција. На ВМРО-ДПМНЕ не им се важни потребите на граѓаните и интересите на државата. Тие се заинтересирани само за одбрана на криминалот, блокирање и кочење на државата на европскиот пат. За таквиот однос неколкупати беа казнувани од граѓаните и повторно ќе бидат казнети, рече пратеничката Шкријељ.