Не сакам да бидам „расипувач на забави“, но сметам дева треба да си го поставиме прашањето дали ефектот на вчерашната одлука на Уставниот суд ќе биде укинување на апанажата во случаи на разрешување и оставка, вака професорката по право и поранешна министерка за правда, Рената Дескоска реагираше на одлуката на Уставниот суд кој го укина членот 22 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани функционери, што значи дека функционерите кои си поднеле оставка или биле разрешени нема да можат да земат апанажа.
Таа потоа, го цитира и членот 19 од Законот за плата и други надоместоци кој гласи: „Пратеник кој за време на вршењето на пратеничката функција остварувал плата или надоместок на плата во месечен износ во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието, односно назначува телото што тоа ќе го овласти претседателот на Република Македонија и Владата кој за време на вршењето на функцијата остварувал плата, може да остварува плата по престанувањето на функцијата за време до една година, и тоа: – три месеци, ако функцијата ја вршел до шест месеци, – шест месеци, ако функцијата ја вршел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, – девет месеци, ако функцијата ја вршел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и – 12 месеци, ако функцијата ја вршел 24 месеци и еден ден и повеќе“.
Професорката додава дека членот 19 предвидува апанажа и при престанок на мандатот со негов истек и при предвремен престанок на мандатот, без конкретно да наведува или да прави разлика меѓу случаите. Предвремениот престан на функцијата дури е и наведен во четирите алинеи каде се предвидува различно траење на апанажата во зависност од траењето на функцијата. Овие алинеи се подоцна внесени во законот и тогаш не е интервенирано во членот 22, кој сега е укинат.
-Сега ни останува да ја почекаме објавена одлуката на Уставниот суд и нејзиното образложение, односно како ќе го толкуваат начелото на владеење на правото и дали основ ќе биле уставноста или целисходноста (ова го пишувам бидејќи имав можност да прочитам едно издвоено мислење во кое некои судии аргументираат за наводна (не)целисходност на некои законски одредби, што секако не е надлежност на Уставниот суд). Секако ќе биде интересно да го видиме и постапувањето на органите во првиот случај кога разрешен функционер ќе поднесе барање за апанажа, за да видиме дали нешто практично смени вчерашната одлука или ќе излезе „многу врева за ништо“…, посочува Дескоска во својот Фејсбук статус.
Според Уставниот суд, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспоиви и затоа е одлучено да се укине оваа одредба, како спротивно на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав.
Иницијативата е поднесена на почетокот на 2022 година, од страна на Глигорие Ќатоски, адвокат од Струга. Оспорени беа 7 члена од Законот, од 19-25, но Судот го оцени само членот 22 како спротивен на Уставот.
Оваа одлукана Уставниот суд е конечна и влегува во сила откако ќе се објави во Службен весник.