„Бугарија е последната земја-членка на ЕУ која може да ни држи предавања за тоа кои се и што значат критериумите од Копенхаген, имајќи предвид дека Бугарија е земја-членка на Советот на Европа која најмалку ги почитува одлуките на Европскиот суд на правдата за човековите права“, рече денеска претседателот Стево Пендаровски по повод писмото на претседателот на Бугарија, Румен Радев до лидерите на земјите од ЕУ. Според Пендаровски, во овој случај се работи за „рециклирање на старата бугарска позиција“ и не гледа ништо ново, а копенхашките критериуми, кои се главни за влез во Европската унија, не зборуваат за историја. Претседателот изјави дека во ЕУ знаат кои критериуми навистина треба да ги исполни земјата-кандидат за членство во ЕУ и јасно им е „дека пред три години беше направен преседан против Северна Македонија со обидите на Бугарија да наметне историски критериуми или критериуми за ревизија на историјата“. Од друга страна, Радев продолжи со својата реторика дека Северна Македонија се обидува преку политика на лобирање, а не со исполнување на критериумите за членство засновани на општествено-политички реформи и почитување на принципите на добрoсоседство и на човековите права да го отвори својот пат за членство во Европската Унија.
Дел од бугарската експертска јавност не се согласува со ставот на Радев дека Македонија има „предност“ во спорот со Бугарија пред ЕУ. Бугарскиот политиколог и докторант по политички науки на Софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“, Милен Желев во разговор за „Локално“ рече дека Скопје ја нема потребната моќ и влијание да лобира во ЕУ за сопствениот пристап.
-Нашиот шеф на државата ги штити бугарските национални интереси според сопственото разбирање и го следи принципот: На туѓ грб и сто стапови не се доволни. Румен Радев е во право дека Скопје нема напредок во низа обврски од т.н францускиот предлог и дека Договорот за добрососедство не се почитува од ваша страна. Добро е, сепак, да се спомене дека родното место на Румен Радев – Димитровград го носи името на благо контроверзната личност во бугарската историја Георги Димитров. Детството Радев повторно го поминал во селото Славјаново, кое пред 1946 година се викало Књаз Борисово. Може да се обложите дека ниту нашиот сегашен претседател, ниту некој друг бугарски политичар не би се осмелил да ги сменат имињата на овие населени места. Причината? Мештаните се чувствителни на оваа тема, како што и денес охриѓани се чувствителни за името на културниот клуб Цар Борис III. Овде, не само што Северна Македонија не раскина со своето комунистичко минато, тоа важи и за Бугарија. Ние на Балканот секогаш ја вперуваме мотата во окото на нашиот брат, а гредата во сопственото око не ја забележуваме, порачува Желев.
За констатацијата на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на европскиот блок, Жозеп Борел дека нема пречка за пристапување на Македонија во ЕУ, Желев вели дека тоа е природно и не лаже, затоа што ја претставува Европската Унија, но смета дека Брисел сè уште не разбира што е проблемот меѓу Софија и Скопје.
-Можноста за бугарско вето виси над Северна Македонија како Дамоклов меч, а господинот Борел не е страна во билатералните односи за кои многу лесно зборува, истакнува Желев.
Бугарскиот политиколог зборуваше и за германската резолуција со која недвосмислено се потврди македонскиот идентитет, јазик и култура.
-Да, Бундестагот го признава македонскиот јазик, но дали би го признал постоењето на австриски јазик? Не, бидејќи во Виена се зборува австриски стандард на германскиот јазик. Темата за потеклото на уставниот јазик во Северна Македонија е подеднакво болна и за Скопје и за Софија. Историските трауми се присутни на двете страни на границата, поради што е толку тешко да се постигне консензус. Промената на Уставот на Северна Македонија би била храбра реформа и оттаму редно е да се омекне тонот од бугарска страна по таков гест на добра волја, смета докторантот.
Околу уставните измени и тоа што опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се согласува да ги гласа во Собрание, соговорникот од Бугарија оценува дека многу е веројатно многу граѓани на Северна Македонија да се чувствуваат предадени од актуелните власти, кои направија голем број компромиси во име на европската интеграција на земјата, кои не се реализираа.
-Очекувам ВМРО-ДПМНЕ да јава популистичкиот бран и доколку дојдат на власт да го срушат напредокот во билатералните односи, за што одговорност ќе сносат и бугарските власти. Од таквиот развој на настаните губиме сите, губи целиот регион, губи Европа. На дијалогот меѓу двете земји му треба повеќе добрососедство и повеќе пријателство, дециден е Желев.
Бугарскиот аналитичар и адвокат по професија, Паскал Гонов смета дека темата за лобирање на Македонија пред разни институции во Европа и САД е преекспонирана во Бугарија. Вели дека тоа е затоа што би било чудно Македонија да не го направи и второ затоа што лобира и самата Бугарија и бугарските невладини организации.
-Кој има предност во оваа трка за мене е неспорно. Од оваа гледна точка, говорот на претседателот е демонстрација и на сила и карикатура на обидите на власта и опозицијата во Македонија да постигнат резултати преку лобирање. Можеби пораката е „Престани да зборуваш и фати се за работа!“ Сепак, резолуцијата изгласана во Бундестагот е интересна појава! Поддржана од Социјалистите, Зелените и Слободните демократи, а прекорувана од Демохристијаните (ЦДУ) и ЦСУ, игнорирана од водечките политички партии во Бугарија и извор на потсмев во самата Македонија, нејзиниот текст нема вистинска порака и нема капацитет да вознемири некого, порачува Гонов за „Локално“.
Додава дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица се партии кои не бараат решение за пристапните проблеми на Македонија во ЕУ.
-Нивниот став за сите меѓународни договори (Охридскиот, Преспанскиот и „Добрососедскиот“) кои ја дефинираат современата македонска државност е за ревизија или откажување. Целта е да се создаде хаос, чиј чад ќе го привлече поострото внимание на Русија и Кина. Затоа нема да може да се организира „уставно мнозинство“ за поддршка на измените. Овој резултат, сепак, нема да доведе до вонредни парламентарни избори во Македонија, бидејќи оваа игра на „руски рулет“ на ВМРО-ДПМНЕ нема за цел да привлече истомисленици и коалициски партнери. Ова е свесна политика на ВМРО-ДПМНЕ, а таа денес не ја бара власта на државата и не брза да стигне никаде. Можеби, во идеалниот свет на Христијан Мицкоски – Русија ја доби војната против САД, ЕУ се распаѓа, а патот на свилата поминува низ Македонија и ја заобиколува Бугарија, а за тоа – ако воопшто е можно – потребно е многу време. Секако, во ваква агенда не се предвидени преговори со „источниот сосед“ ниту сега, ниту подоцна, анализира Гонов.
За зборовите на Борел, соговорникот вели дека ако Македонија не си попречи самата на себе, никој друг нема да ѝ пречи.
-Пораката е строго да се почитуваат европските принципи и стандарди – човекови права, регионална соработка и се друго што е вклучено во пристапната рамка. Пред Борел истото го кажа и Урсула фон дер Лајен, Крис Марфи… значи нема промена во политиката на ЕУ и САД по ова прашање. Интересното е што некои од партиите во Македонија не ја забележуваат оваа недоследност во ставовите и на САД и на ЕУ, па прашањето е „зошто?“. Тие едвај сметаат дека „малку и пријатно расеан“ став ќе доведе до промена на политиката на Брисел или Вашингтон. Ах, можеби не гледаат кон запад, туку кон исток, а ова може да биде нивна покана до Русија и Кина да се вклучат во заплеткувањето на македонскиот јазол, заклучува бугарскиот аналитичар.
Н.П.