Германија како најмоќна држава членка во ЕУ, прво преку Резолуцијата, а сега и со уште една многу сериозна потврда: изјавата на канцеларот Шолц има и волја и капацитет да го гарантира тоа, вели за „Локално“ професорката на правниот факултет „Јустинијан Први“, Ана Чупеска за најновата поддршка од официјален Берлин дека нема да има нови услови за нашата земја на патот кон ЕУ, како и за последните „пинг-понг“ изјави на релација Скопје-Софија.
Сепак нагласува дека пристапувањето не треба да го третираме како да станува збор за „бугарски пречки“, туку за генерални/општи услови кои се пропишани во преговарачката рамка од ЕУ.
-Не се тие бугарски услови, на Унијата се и рамката токму нив ги адресира, порачува Чупеска.
За пораката на германскиот канцелар Олф Шолц за важноста на уставните измени, истакнувајќи дека се потребен чекор за да се ослободи патот за пристапниот процес во ЕУ, Чупеска вели дека не е последна, но е добронамерна.
-Ние мора да го откочиме процесот. Во спротивно ризикуваме да останеме назад. Во околности која Албанија на пример би продолжила а ние не, мислам дека безбедносните предизвици значително ќе се зголемат. Тоа би била кардинална стратешка грешка во контекст на војната, ни кажа професорката.
Околу тоа дали се очекува промена во ставовите на опозицијата за уставните измени и внесување на бугарското малцинство во преамбулата, соговорничката истакнува дека „толку се неконзистентни, што од нив може да се очекува и се и ништо, односно крајно инфантилно и неодговорно се однесуваат“.
Се согласува дека претпазливоста е важна за охрабрувачките пораки на Шолц и дека разочарувањата се големи.
-Но, тоа не смее да не поколеба во реализацијата на нашите стратешки интереси. Затоа, ние како држава мора да покажеме сила и капацитет за водење држава и да етаблираме национален консензус по однос на нашето членство во ЕУ. Спротивното, води кон злоупотреба и ранливост на нашето општество и не прави лесна цел на трети непријателски страни. Верувам дека ќе успееме, потенцира проф. Чупеска.
Бугарија не поставува нови услови за членството на Република Северна Македонија во ЕУ, изјави пред два дена шефот на бугарската држава, Румен Радев и истакна дека од Скопје се бара да ги исполни веќе преземените обврски, утврдени во преговарачката рамка.
„Не можеме да градиме добрососедство и одржлива европска иднина со јазикот на омразата, со фалсификати и навреди кон Бугарите во учебниците, со необјавување на архивите на службите за погромите врз Бугарите во Македонија и немањето рехабилитација. на невините жртви, со постојана дискриминација кон граѓаните со бугарска самосвест. Ако сме земја-одговорна членка на ЕУ, не можеме да се откажеме од овие позиции и ќе продолжиме да објаснуваме, да ги повикуваме европските институции, сите европски лидери. Нема да дозволиме таква замена на европските вредности и принципи“, рекол Радев на промоција на книга во Софија.
Во текот на вчерашниот ден дојде и до средба меѓу двајцата претседатели на Собранијата на Македонија и Бугарија, Талат Џафери и Росен Желјзаков, при што македонскиот спикер искажал уверување дека уставните измени се последниот чекор којшто Република Северна Македонија ќе го направи за да ги отвори пристапните преговори со Европската Унија.
Н.П.