Претседателот Стево Пендаровски денеска, по повод 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, положи цвеќе пред Споменикот на жртвите од земјотресот, на Градските гробишта Бутел во Скопје.
Почит кон загинатите во земјотресот оддадоа и делегации од Собранието и Владата на Република Северна Македонија и од Градот Скопје, амбасадори и делегации од дипломатско-конзуларните претставништва во земјава.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.