Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се очекува да биде официјално обвинет на судското сослушување во четврток за заговор за поништување на неговиот изборен пораз во 2020 година.
Трамп треба да се појави пред федералниот суд во Вашингтон денеска во 16 часот по локално време (22 часот по средноевропско време). Се очекува тој да се изјасни за невин. Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави дека е на пат за Вашингтон.
„Сега одам во Вашингтон, каде што ќе бидам уапсен поради соочување со корумпирани, наместени и украдени избори. Голема чест е затоа што ќе ме уапсат поради вас. Да ја направиме Америка повторно голема!!!“, напиша Трамп.
„Ми треба уште едно обвинение за да се обезбеди победа на изборите“, објави претходно на својата социјална мрежа.