Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека, како што рече, „политичкиот“ прогон на поранешниот американски претседател Доналд Трамп покажува дека американскиот политички систем е „гнил“.
„Во однос на прогонот на Трамп, за нас она што се случува, во денешни услови, според мене е добро, бидејќи ја покажува гнилоста на американскиот политички систем, кој не може да се преправа дека ги учи другите на демократија. Сè што се случува со Трамп е прогон од политички причини на нечиј политички ривал“, рече тој во Владивосток на пленарната седница на Источниот економски форум.
Путин, исто така, рече дека значајни промени во американско-руските односи се малку веројатни без оглед на тоа кој ќе стане следниот претседател на САД.
Трамп, кој во моментов се соочува со кривични пријави во САД по четири точки од обвинението за заговор за поништување на резултатите од претседателските избори во 2020 година, тврди дека тие се дел од политички заговор чија цел е да го спречи да се кандидира за реизбор следната година.