Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека протестите за случајот со Клиниката за онкологија се злоупотребуваат и апелира протестите да не користат за дневнo-политички евтини поени и да не се користат ваквите протести затоа што го загрозуваат животот на пациентите.
„Луѓето да протестираат е загарантирано право со Уставот на Северна Македонија и мислам дека тоа е најдемократски чин. Секој има право да протестира и јас ги поддржувам ваквите протести, но гледаме со случајот Онкологија дека тоа се злоупотребува и апелирам за дневно-политички евтини поени да не се користат ваквите протести затоа што го загрозуваат животот на пациентите“ рече Меџити.
Под мотото „Правда за жртвите“, за вечер пред Владата е најавен нов протест за скандалот на Клиниката за онкологија. Пред половина месец инспектори и обвинители влегоа на Клиниката, одзедоа компјутери, документи и медицинска евиденција на пациентите.
Првиот протест се одржа на 4 септември, а вториот на 11 истиот месец. Јавното обвинителство пред неколку дена соопшти дека директен пристап до истражната постапка ќе имаат тројца пациенти од Онкологија. Собранието веќе донесе одлука за формирање анкетна комисија која ќе ја следи предистражната постапка во Обвинителството. Комисијата ќе брои 13 члена, додека претседател ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.