Холивудските сценаристи постигнаа привремена спогодба со големите студија: „Штрајкот сè уште не е завршен“

од Vladimir Zorba
303 прегледи

На почетокот на мај годинава холивудските сценаристи штрајкуваа, а сега постигнаа привремен договор со големите филмски и телевизиски студија, пренесува Си-Ен-Ен. По неколкумесечни штрајкови и преговори, во неделата постигнаа договор, соопшти Здружението на сценаристи.

– Она што го добивме со овој договор, поточно, сето она што го добивме од 2 мај, се должи на подготвеноста на ова здружение да ја покаже својата моќ, да покаже солидарност, да ја издржи болката и несигурноста од претходните 146 дена. Предноста што ја произведе овој штрајк, со извонредна поддршка на нашите синдикални браќа и сестри, конечно ги врати сите компании на маса за да се договорат – им соопштија од синдикатот на своите членови.

Тие се уште не ги откриваат условите за спогодбата, а штрајкот нема веднаш да заврши. Сепак, ова е голем пресврт во ситуација која трае речиси пет месеци. Овој штрајк е еден од најголемите во историјата на Холивуд, а само неколку дена го делат од оној во 1988 година, кога писателите штрајкуваа 154 дена.

– Со гордост можеме да кажеме дека овој договор е исклучителен, со значителни придобивки и заштита на писателите во секој сектор на ова здружение – напишаа и додаваат дека штрајкот се уште не е завршен.

– Да расчистиме, никој нема да се врати на работа додека здружението не го овласти. Дотогаш се уште штрајкуваме – најавија.

Како што пренесуваат странските медиуми, здружението на сценаристи би можело да им дозволи на своите членови да се вратат на работа веќе во вторник. Еден извор близок до ситуацијата рече дека како резултат на сето ова, сценаристите би можеле да се вратат на работа во следните неколку дена. Исто така, многумина се надеваат дека тоа ќе поттикне договор меѓу индустријата и актерите, кои исто така штрајкуваат.

Набргу по штрајкот на писателите, штрајкуваа и актерите од синдикатот SAG-AFTRA, кој застапува околу 160.000 актери.

Слични содржини