Министерството за здравство информираше дека на Клиниката за хематологија се реализирал значаен чин на храбост и човекољубие, при што млада лекарка донирала хематопоетски матични клетки со кој спасува живот на пациент кој се соочува со тешка малигна хематолошка болест. Трансплантацијата на матичните клетки е единствената терапевтска опција.
По тој повод, министерот за здравство д-р Фатмир Меџити ја посетил докторката, донор на матични клетки, на која и се заблагодари за храброста и несебична посветеност да спаси туѓ живот.
– Нејзиниот чин на хуманост и солидарност е надеж, потсетувајќи нè на моќта на заедницата кога тоа е најпотребно. Им честитам и на колегите од Клиниката за хематологија кои ја практикуваат оваа современа метода во медицината со која еден човек има шанса за нов почеток, изјави Меџити.
Директорката на клиниката за хематологија изјави дека станува збор за редок пример, донорот на матични клетки и пациетот, кој треба да ги прими, не се во роднинска врска, ниту се познаваат, а нивните клетки се совпаѓаат.