ИАКО многу родители не се свесни за тоа, децата можат да бидат под стрес исто како и возрасните. Иако знаците не се секогаш лесно препознатливи, психолозите нагласуваат дека тие постојат и родителите не треба ни случајно да ги игнорираат.
Ако се игнорираат, првичните предупредувачки знаци може да се претворат во посериозни проблеми кои не се безопасни, известува клиниката Мајо.
Но, кои се симптомите кои укажуваат дека детето може да биде под стрес? Како што објаснуваат психолозите, тие најмногу се разликуваат од дете до дете, па затоа не е лесно да се препознаат.
Сето ова го отежнува дијагностицирањето на овој проблем, но најчестите симптоми се главно следните:
* емоционални испади или зголемена раздразливост. Стресот доведува до зголемено чувство на лутина и раздразливост. Во овој случај, детето може да има емоционални испади кои не се во согласност со неговото претходно однесување или моменталната ситуација во која се наоѓа.
* проблеми со спиењето. Се чини дека грижите и стравовите излегуваат на површина за време на спиењето. Детето кое е под стрес во повеќето случаи може да има проблеми со несоница или да има чести кошмари.
* повлекување во себе. Родителите често можат да забележат дека нивното дете одеднаш почнало да се повлекува во себе и повеќе не се дружи со своите врсници.
* избегнување хоби и активности кои претходно го интересирале. Кога детето почнува да избегнува одредени хоби или активности во кои уживаше, тоа може да биде еден од знаците за зголемен стрес.
* проблеми на училиште. Значајните промени во училишните перформанси на детето често може да бидат знак на стрес. Стресот му отежнува на детето да се фокусира во текот на училишниот ден или додека пишува домашна задача. Емоционалните испади и гневот на училиште може да предизвикаат проблеми и со пријателите или со наставниците/професорите.
* стомачни болки или главоболки. Кога детето е под стрес или вознемиреност, неговото тело ослободува хормон кортизол, кој може да предизвика грчеви во стомакот и главоболки.
Иако овие симптоми не мора да значат дека детето е под стрес, овие знаци се чести предупредувања дека нешто не е во ред со поединецот и дека треба да се истражи точната причина за проблемот, предупредуваат психолозите.