Претседателот Стево Пендаровски, денеска во своето обраќање во Собранието на Република Северна Македонија, говорејќи за уставните промени порача дека поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза.
„Со одлагање на уставните промени, ќе пропуштиме уште една прилика која може да не чини најмалку уште една деценија надвор од интеграциите, а тоа ќе значи, помал економски прогрес, полош стандард за граѓаните и поголемо иселување. Во таа деценија сигурно нема да ги вратиме младите од Канада, Австралија и Нов Зеланд, ниту од новите дестинации на емигратска Македонија – Емирати, Малта, Хрватска или Словенија. Поделбите во македонското национално ткиво за ова прашање се контрапродуктивни за виталноста на нашата кауза. Во таа смисла, обновените странски пропаганди “одлично” си ја вршат својата работа, практично без прекин, повеќе од еден век, така што нема потреба ние дополнително да копаме за да го продлабочиме јазот меѓу нас”, рече претседателот Пендаровски.
Тој додаде дека крајно неодговорно е да се игра со чувствата на Македонецот и на темата страв од наводно губење на идентитетските атрибути да се печалат ситни политички поени. Претседателот истакна дека доколку обезличувањето на Македонецот е патот по кој треба да се оди за да се стигне до Унијата, тој не познава некој кој е подготвен да чекори по тој пат.
Претседателот Пендаровски посочи дека во јавниот простор, на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и порача дека е крајно време да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.
„Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политичките противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате, патриоти се оние кои работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство, патриотите не ја загадуваат животната средина”, рече претседателот Пендаровски во обраќањето во македонското Собрание.