Непополнетото место во ДИК ги скара партиите: „Законот тоа добро го решава, се друго е политика и алиби“

од Nikola Popovski
397 прегледи

Лидерот на БЕСА Биљал Касами, кој е дел од Европскиот сојуз за промени најави протести доколку не се дозволи албанскиот опозициски блок да има свој член во Државната изборна комисија. Вели ќе ги искористат сите демократски права и нема да дозволат, како што истакнува да има нефер избори. Очекуваат изборот да биде пред формирање на техничката влада. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е на иста линија. Тој се закани дека ќе ги повлече своите претставници во Комисијата, ако таа не биде комплетирана според законот. Два предлози меѓу кои и оној на албанската опозиција веќе неколку дена чекаат двотретинско мнозинство. Во меѓувреме, Аријанит Хоџа, чија партија го поддржува Зулфи Адили за кандидат за член на ДИК, вели дека колку што ЕСП има право да предлага кандидати, право на истото има и ДЕП. Според него, партиите од опозицискиот блок кои сакаат да го заземат празното место во ДИК немаат мандати кои ги добиле со нивно самостојно учество на изборите, туку тоа се мандати добиени од коалиции.

За дел од поранешните членови на ДИК, не треба да има блокада на ова тело, баш пред организирањето на изборите. Поранешниот член од СДСМ во Државната изборна Комисија, Јанаќе Витановски смета дека во овој момент кога сме пред претседателски и парламентарни избори не треба да се прави блокада и проблем со Комисијата.

Јанаќе Витановски

Во разговор за „Локално“ посочува дека ДИК треба да се комплетира, согласно изборниот законик, член 27 и член 29.

-И не е добро да остане без еден член од опозицијата, Законот тоа добро го решава во секоја евентуална ситуација, истакнува Витановски.

Според него, се друго е политика и некакво алиби за евентуален пораз на избори. Дециден е дека на изборите гласаат граѓаните.

-ДИК не гласа, ДИК ги организира изборите, ги сумира резултатите и врз основа на тие резултати го прогласува победникот, порачува поранешниот член на Комисијата.

 

Во трката за празното столче во ДИК се Адбуш Демири од Европски сојуз за промени и Зулфи Адили, од Европската народна партија на Аријанит Хоџа, кој ја напушти Беса. Членот на Државната изборна комисија последниот филтер треба да го помине на собраниска седница. Се избира со двотретинско мнозинство.

Пратеникот од Беса, Фадил Зендели, по вчерашното годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието, изјави дека се разочарани што шефот на државата не се изјаснил за потребата од комплетирање на Државната изборна комисија (ДИК) и додаде дека со тоа испратил порака оти изборите можат да бидат многу спорни и нелегитимни.

Местото во ДИК остана празно откако Кренар Лога стана министер за правда, а сега тоа треба да биде пополнето со претставник од опозицијата.

Н.П.

Слични содржини