Повеќето глобални политички, духовни и национални лидери го слават Божиќ со повици за мир или со нагласување на доблестите на семејството и заедништвото, но тоа не е стилот на Доналд Трамп, пишува Си-Ен-Ен денеска.
Поранешниот претседател испушти поплава од гнев и горчина на неговата социјална мрежа Truth Social на Бадник и Божиќ, најмногу поради неговите правни проблеми, покажувајќи му на тимот дека личните опсесии ќе ги пренесе на нацијата во клучната изборна година во 2024 година.
Трамп ги нападна претседателот Џо Бајден и специјалниот советник Џек Смит, давајќи бројни и лажни тврдења дека неговите обиди да остане на функцијата по поразот на изборите во 2020 година беа витална одбрана на американската демократија и затоа биле потполно легални.
На Бадник, Трамп со големи букви објави: „Тие ја шпионираа мојата кампања, го лажеа Конгресот, изигруваа закони, ги наместија претседателските избори, им дозволија на милиони луѓе, многумина од затвори и ментални институции, да ја преплават нашата земја, потфрлија во Авганистан, а насилниците и изродите на Џо Бајден, како лудиот Џек Смит ме прогонуваат на начин каков што досега не сум видел. Ова се нарекува мешање во изборите. Среќен Божиќ!“
Неговото расположение беше едвај поинакво на Божиќ, кога го обвини Бајден за организирање на мешањето во изборите со таргетирање на 91 обвинение за кривично дело и четири судења кои се во тек против поранешниот американски претседател.
Во една од своите најбизарни и најбезобразни објави, тој им посака среќен Божиќ на „светските лидери, и добри и лоши, но ниту еден од нив не е толку злобен и ‘болен’ како насилниците кои ги имаме во нашата земја“.
Во последниот напад врз Бајден и Смит, Трамп напиша: „НЕКА ГНИЈАТ ВО ПЕКОЛОТ. УШТЕ ЕДНАШ, СРЕЌЕН БОЖИЌ!“