Дали СДСМ го има вистинскиот кандидат за „трчање“ на изборите: „Партијата е потехнократска отколку порано, сите „рипаат“ од бродот кој тоне“

од Nikola Popovski
735 прегледи

СДСМ ги „откри“ имињата кои ги тестирале во комитетите, па од нив ќе реши кој ќе „трча“ за претседател. Дел од медиумите објавија дека освен актуелниот Пендаровски, во внатрепартиски анкети биле спомнати имињата на Зоран Заев, Венко Филипче, Миле Зечевиќ, Сашо Ордановски, Радмила Шекеринска…Сепак споменатите предлози треба да се земат со резерва, со оглед на тоа не е познат нивниот рејтинг во партијата, како и поради актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше поддржан токму од владеачката партија и допрва рече ќе се изјасни дали би трчал за втор мандат.

Дел од домашните аналитичари сметаат дека се уште има голема непознаница, иако може да се навести отприлика кој кандидат ќе го одбере владеачката партија. Поранешниот амбасадор и поранешен кандидат за претседател, Нано Ружин цитира една изјава на поранешен претседател на СДСМ кој рекол: „Штом прочиташ некое име во медиумите за некое место, знај дека тоа не е точно“. Во разговор за „Локално“, околу посочената група на кандидат, Ружин гледа луѓе кои што се способни и имаат добар рејтинг во партијата и меѓу народот, но сепак тоа е прашање на внатрешната политика на партијата.

Нано Ружин

-Особено дали СДСМ е задоволен од Пендаровски, кој според некои мислења настојуваше да има поголема автономија во однос на партијата, дали СДСМ ќе оди исклучиво со партиски војник како свој кандиат, никој не знае…Како и да е, СДСМ има доста избор на имиња, кои можеби еден ден ќе бидат претседатели, истакнува Ружин.

Во однос на Пендаровски, Ружин вели дека добро го обработил мандатот, но прашање е што врхушката на СДСМ ќе одлучи.

-Можеме да кажеме дека за разлика од претходникот на Пендаровски, сегашниот претседател нема направено поголема грешка и мислам дека неговиот мандат ќе биде успешно оценет. Што понатаму ќе се случува, тоа е непознаница, наведува соговорникот.

Во однос на наводни внатрешни партиски препукувања во СДСМ, Ружин вели дека се составен дел на политиката – секогаш има одредени недоразбирања и одредени игри.

-Со фудбалски речник: Сите сакаат да бидат на терен и да играат и ако некој не игра поради жолти или црвени картони или е повреден, тој е исфрлен од политичката игра. Веројатно постојат одредени задкулисни игри и недозразбирања и ривалитети, но пред нас е формирањето на предвремена изборна влада, па ќе видиме како таа техничка влада ќе функционира и каков фидбек ќе има врз состојбите во СДСМ, смета поранешниот амбасадор.

Додава дека групата која раководи со СДСМ, настојува да биде во еден вид на правилно функционирање и да го сочува политичкиот правец на партијата, така што, според Ружин, можеби првпат СДСМ нема еден харизматичен водач како што беше во времето на Бранко Црвенковски, па и подоцна, но ова е повеќе еден технократски СДСМ и претпоставувам дека во таквиот дух ќе бидат дочекани и подготовките за изборите.

-Сметам дека СДСМ уште повеќе треба да се спушта кон народот, да не се затвора и да не биде вообразен како што беше порано. Околу заедничкото настапување на европската коалиција, не можеме да кажеме дали СДСМ зависи од партијата на Ахмети. Создавањето во зависност од изборите, повеќе зависи од формирањето на Владата, не од СДСМ, иако знаеме дека социјал-демократијата низ светот е во голема криза. Далеку од тоа дека СДСМ ќе исчезне од политичката сцена заради ДУИ, дециден е тој.

Според него, се наоѓаме во предизборен период каде што списоците, изборите, кадрите се во постојан план и подготовки за нивното „пеглање“ на кандидатите.

-Кога се во прашање изборите, сите кавги исчезнуваат и една сериозна политичка партија пред се го гледа интересот пред можните недоразбирања и ривалитети. Мислам дека ќе биде многу интересен резултатот од овие избори, бидејќи ќе детерминира многу работи за иднината на државата. Анкетите велат дека ќе победат ВМРО-ДПМНЕ, но тоа е само пред изборите. Понатаму не се знае, ќе ги видиме кампањитте. Исто така ќе биде интересно кој ќе привлече мнозинство за да формира Влада, оценува поранешниот кандидат за шеф на државата.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Александар Ристевски смета дека предложените имиња за претседателски кандидат се само „патка за народот“, од причини што, според него, речиси сите споменати кадри се „политички мртви“, а се поранешни клучни играчи во СДСМ, со кои, како што вели, обичниот народ завршил.

Александар Ристевски

-Самото нивно споменување е со цел да тие самите и нивните најблиски поддржувачи се обидат да си дадат некаква релевантност пред парламентарните избори,а не дека имаат неккави шанси во високата политика. Факт е реалниот избор е меќу два кандидати, а и тие самите не веруваат дека ќе победат, колку и да биде широк блокот кој го претставуваат. Сега е битката да се влезе во втор круг, а таму во зависност кој што ќе направи во првиот, ќе има пазарење и насочување на гласови, објаснува Ристевски во разговор за „Локално“.

Според него, Пендаровски не е сигурна карта, барем не за партиското членство на СДСМ, а дали ќе биде кандидат зависи многу од волјата на ДУИ.

-Доколку СДСМ одлучува, мислам дека би оделе со Оливер Спасовски. Не дека неговите шанси за победа се поголеми, туку дека би ги задоволил повеќе желбите на партиското членство. Пендаровски со актуелниот рејтинг, без партиите, не би можел ниту пратеник да стане, оценува аналитичарот.

Дали постои неединство многу брзо ќе излезе на виделина, смета Ристеовски.

-Сите рипаат од бродот кој тоне. Нормално, тие кои се во врвот на пирамидата до крај ќе негираат дека има раскол, проблеми и состојби кои би ја разнишале партиската база. Сметам дека кај Ковачевски нема капацитет за да го задржи лидерското столче и дека е прашање на време кога покрај од премиерска, ќе ја загуби и лидерската функција. Дали пред или после изборите, веќе е небитно, анализира соговорникот.

На прашањето дали останувањето на политичката сцена на СДСМ зависи од ДУИ, како што упорно тврдат од опозициските кругови, Ристевски вели дека Македонија е унитарна држава.

-Партија на која најголемо достигнување и е трето место, не знам за каква победа зборува. Има два типа на победници на изборите. Оние кои ќе освојат најголем број пратеници, и оние кои ќе состават влада со најмалку 61 пратеник. ВМРО ДПМНЕ два пати има најмногу пратеници (51 во 2016, и 44 во 2020) па не е во Владата,а е во основа најголем претставник кај македонците, но и кај севкупното население. СДСМ имаше 49 со сите на куп 2016, а 46 2020 од кои 4 беа од Беса, плус уште десетина други. Со оглед дека ДУИ анимираат како политички субјект и роми, турци, бошњаци и македонци, покрај албанците, филмањето и терминологијата победници е само како форма за пазарење за нивен владејачки опстанок. Мајскиот договор е мртов после изборите во декември 2016. Од тогаш важи правилото кој ќе собере 61 пратеник. Етничките, јазичните, работните права секому се гарантирани со закон и устав, а ДУИ ќе мора сериозно да размисли како ќе дејствува како партија во иднина, посочува аналитичарот.

Додава дека дека после 20 години власт, време е да се реформираат и прочистат.

-Сметам дека прашање е на време кога со СДСМ ќе прераснат во еден политички субјект за тоа што тонењето на СДСМ нема да престане, а доколку ДУИ сака да излезе од етноцентризмот кој го манифестира, ќе мора да има во своите структури мешовит состав, јазична кохезија и многу повеќе државотворност за да потврди дека е некаква унија за интеграција, а не за делба и сегрегација. Тоа што го зборуваат и прават на дело, не одат заедно. Контрадикторни се, заклучува Ристевски.

Н.П.

Слични содржини