Евентуалното враќање на поранешниот американски претседател во Белата куќа почнува да предизвикува паника во Брисел.
По убедливата победа на внатрепартиските избори во сојузната држава Ајова, Доналд Трамп очигледно станува фаворит за републикански кандидат на изборите во ноември, а во многу европски метрополи веќе се стравува за ова. Доколку го победи Џозеф Бајден, се очекува влошување на трансатлантските односи меѓу ЕУ и САД, пред се во трговијата, а безбедноста на Стариот континент веројатно ќе биде доведена во прашање.
Белгискиот премиер Александре де Кроа предупреди дека Европа мора да биде подготвена да стои сама доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа.
„Ако 2024 година повторно ни ја донесе „Америка на прво место“, тоа ќе значи, повеќе од кога било, „Европа сама“. Ние како Европејци не треба да се плашиме од таа перспектива, треба да ја прифатиме“, предупреди Де Кроа во говорот во Европскиот парламент, велејќи дека Европа мора да стане „посилна, посуверена, посамостојна“, пренесе порталот „Политико“.
Александре де Кроа е клучна фигура во европската политика оваа година, бидејќи неговата земја претседава со Советот на ЕУ во следните шест месеци, давајќи им предност на белгиските дипломати да ја поставуваат агендата на клучните состаноци во Брисел.
Пораката на белгискиот премиер е всушност „рециклирање“ на говорот на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел од 2017 година по првата изборна победа на Трамп, кога таа предупреди дека Европа не може да се потпира само на своите сојузници.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ќе работи со кој и да победи на изборите во САД, еден ден откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп победи во Ајова на прелиминарните избори во 2024 година.
„Отсекогаш сум ја имал истата филозофија, работам со лидерите што ми ги дава народот“, рече Макрон, пренесе Ројтерс.
Тој оцени дека САД се „демократија во криза“.
„САД се важен сојузник. Тоа е демократија која минува низ криза во која најприоритетно прашање е самата себе, а на второ место е моќта на Кина. Сите ние Европејците треба да бидеме луцидни за тоа“, рече Макрон.
За време на претседателствувањето на Трамп, тој и Макрон имаа низа подеми и падови во нивните односи, наведува британската агенција.
На почетокот, Макрон имаше тенденција да биде помирлив со Трамп, кого го нарече пријател и го покани на вечера во Ајфеловата кула на Денот на Бастилја, но како што минуваа годините, политичките одлуки за климатските промени, оданочувањето и особено Иран предизвикаа триење меѓу Трамп и неговите европски сојузници.
Макрон дури еднаш рече дека неговите телефонски разговори со Трамп и другите светски лидери се „како колбаси – подобро е да не се објаснува што има внатре“.
Одредени претставници на ЕУ не кријат дека победата на Трамп на претседателските избори би предизвикала огромна загриженост во бриселските кругови.
„Кога Трамп првпат победи, нè разбуди фактот дека САД можеби не секогаш дејствуваат во европски интерес, особено ако тоа е против американските интереси“, изјави висок дипломат на ЕУ за Си-Ен-Ен.
Во говорот по победата на внатрепартиските избори на Републиканската партија во Ајова, Трамп веќе им ги „изгоре ушите“ на европските лидери, велејќи дека добро се разбира со Путин и дека многу брзо ќе ја реши ситуацијата во Украина, што Русија никогаш немаше да ја нападне доколку беше на позицијата претседател.
Пред пратеничките групи во Ајова, Тиери Бретон, европскиот комесар за внатрешниот пазар, кој ја вклучува одбраната, го детализира жестокиот разговор меѓу Трамп и Урсула фон дер Лејен на Светскиот економски форум во 2020 година во Давос.
Тогашниот американски претседател и рекол на претседателката на Европската комисија дека САД „никогаш нема да ѝ помогнат“ на Европа доколку биде нападната.
Како што раскажа Бретон, Трамп конкретно нагласи: „Патем, НАТО е мртов, а ние ќе го напуштиме, ќе го напуштиме НАТО“.
Според „Џерусалим пост“, во разговор со Фон дер Лејен во Давос пред четири години, Трамп додал: „А вие исто така ми должите 400 милијарди долари, бидејќи вие Германците не го плативте тоа што требаше да го платите за одбрана“.
И германските политичари сега се сетија што рече Меркел кога Трамп ја презеде власта.
Трамп е човек кој „не го крие својот презир кон демократијата“ и „се заканува повторно да стане претседател“, напиша на „Х“ Катарина Барли, висок функционер на германската Социјалдемократска партија и член на Европскиот парламент, додавајќи дека Европа треба да се фокусира на себе.
Норберт Ретген, висок претставник на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), во интервју за „Тагесшпигел“ изјави: „Германската влада сега мора поинтензивно од претходно да се подготви за враќањето на Трамп во Белата куќа. Меѓу другото, тоа значи дека треба да го зголемиме производството на оружје за да може Украина да се одбрани од руски напад дури и без помош од САД. Слободата на Европа зависи од тоа“.