Русинката Дарија Трепова е осудена на 27 години затвор во судот во Санкт Петербург за терористичкиот напад во кој во април минатата година беше убиен рускиот воен дописник и блогер Владлен Татарски.
Татарски беше убиен од бомба во статуа која му ја подари Трепова додека се подготвуваше да одржи говор во Санкт Петербург. Десетици лица беа повредени во експлозијата, јавува Би-Би-Си.
26-годишната Трепова ги негираше обвинувањата, велејќи дека мислела дека статуетката содржи уред за прислушкување.
Таа рече дека постапила по наредба на украински контакт и дека била наместена.
Казната е една од најстрогите изречени на жените во историјата на Русија.
Нападот врз Татарски (40) се случил на 2 април 2023 година.
Руските истражители ја обвинија Украина дека стои зад нападот, што украинските власти ниту го потврдија ниту го негираа.
Но, Трепова пред судот сведочеше дека ги следела наредбите на маж од Украина чиј идентитет не е познат.
Таа рече дека го контактирала преку украинскиот новинар Роман Попков.