Кандидатот за претседателска номинација на Републиканската партија, Доналд Трамп денеска изјави дека САД нема да преживеат доколку Џо Бајден повторно стане претседател на државата.
„Според мене, најлошото нешто што може да се случи е Бајден повторно да стане претседател. Искрено, од многу причини, нашата земја не би го преживеала тоа“, рекол Трамп во интервју за Фокс њуз.
Тој додал дека Бајден е „неспособен и најлошиот претседател во историјата на САД“.
„Сите го знаат тоа“, тврди Трамп.
Коментирајќи ја неодамнешната поддршка што Бајден ја добил од синдикатот на автомобилската индустрија UAW, Трамп порачал дека нема да има повеќе работници во автомобилската индустрија во САД, туку „сето тоа ќе оди кон Кина и други земји“.
Тој посочил дека доколку повторно стане претседател, ќе воведе царини за стоките увезени од Кина, додавајќи дека тие би можеле да изнесуваат повеќе од 60 отсто.
„Мораме да го направиме тоа“, навел Трамп.
Поранешниот американски претседател предупредил и на развојот на вештачката интелигенција, велејќи дека е „застрашувачки“.
„Пред некој ден видов како ми направија лажна снимка за тоа како зборувам за некој производ. Не можете ни да воочите разлика. Мора да се направи нешто во врска со тоа и тоа да биде многу брзо“, предупредил Трамп.
Тој изјавил дека технологијата за вештачка интелигенција може да се злоупотреби на различни начини, вклучително и војни, додавајќи дека напредокот во развојот на технологијата е „огромен проблем“.