Копнениот персонал на германската авиокомпанија „Луфтханза“ од денеска е во штрајк за да го зголеми притисокот во преговорите за платите, јавуваат агенциите и потсетуваат дека патниците во земјата со најсилна економија во Европа се сè повознемирени од серијата штрајкови во железничкиот и јавниот превоз.
Штрајкот започна во четири часот наутро и ќе трае до четврток во седум часот наутро, соопшти националниот авиопревозник. Околу 100.000 патници ќе бидат погодени од оваа најнова индустриска акција.
Синдикатот „Верди“ најави дека ќе штрајкува на аеродромите во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Берлин и Дизелдорф. Ќе бидат остварени само 10 до 20 отсто од летовите во Франкфурт и Минхен.
Во преговорите „Верди“ бара зголемување на платите за 12,5 отсто за 25.000 работници или најмалку 500 евра месечно повеќе во период од 12 месеци, плус еднократна исплата од 3.000 евра за компензација на инфлацијата.
Синдикатот тврди дека повисоките трошоци за живот и големиот обем на работа поради недоволен кадар се основа за повисоки плати. Копнениот персонал на „Луфтханза“ стапи во штрајк во јули 2022 година за време на последната рунда преговори за колективен договор, предизвикувајќи големи нарушувања во патувањето.
Оттогаш, најголемата европска економија е погодена од серија штрајкови низ целата земја, кои го погодија воздушниот сообраќај, железничкиот и јавниот транспорт, како и растечкото незадоволство од коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц.