Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја повика израелската влада да се откаже од копнената офанзива на градот Рафа и наместо тоа да се согласи на прекин на огнот со оглед на влошената хуманитарна ситуација за Палестинците во Газа.
„Во Рафа, 1,3 милиони луѓе живеат во многу мал простор под најстрашни услови“, рече министерката во средата пред почетокот на нејзината дводневна посета на Израел.
„Во овие услови, офанзивата на израелската армија врз Рафа целосно би ја загрозила хуманитарната ситуација“, истакна Бербок.
Додаде дека луѓето во Рафа „не можат едноставно да исчезнат во воздух“ и дека им требаат безбедни места и безбедни коридори за да не бидат фатени уште повеќе во вкрстен оган.
„Им треба повеќе хуманитарна помош. И им треба прекин на огнот“, подвлече Бербок, додавајќи дека „Газа е на работ на колапс“ и дека многу луѓе ги следеле израелските наредби за евакуација и избегале од борбените зони во северна Газа.
Копнената офанзива на израелската армија против Хамас во Рафа, на југот на Газа наиде на остри критики од меѓународната заедница.
Бербок пристигна во Израел денеска на нејзиното петто патување во Израел по терористичкиот напад на 7 октомври предводен од палестинското исламистичко движење Хамас, во кој загинаа повеќе од 1.200 луѓе.