Најчевска: Не можам да видам никаква идеолошка или вредносна матрица во Достоинство, ДС и Обединети за Македонија

од Nikola Popovski
773 прегледи

Не можам да зборувам за било каква вредност на овие партии. Не можам да видам никаква идеолошка или вредносна матрица со која се претставуваат како посебни партии, кои застапуваат некои посебни вредности или нудат алтернативни решенија или начин на работа, вели во краток разговор за „Локално“ професорката и граѓанска активистка Мирјана Најчевска, коментирајќи ја новата коалиција на Достоинство на Стојанче Ангелов, ДС на Павле Трајанов и Обединети за Македонија Љубе Бошкоски со ВМРО-ДПМНЕ, иако претходно трите партии беа дел од актуелната власт.

Според неа, ова е многу јасен сигнал дека СДСМ веќе не се гледа како партија која може да ја освои власта на наредните избори и со тоа да понуди привлечни позиции за претставниците на помалите партии, кои, како што вели, се лепат вообичаено или за победникот или за оној кој може да понуди нешто на претседателот на таа партија.

Запрашана која е целта на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски со нивното привлекување, кога е познат нивниот рејтинг кај гласачите, Најчевска вели дека логиката е многу едноставна.

-Прво се гради сликата за СДСМ како неуспешна партија и второ, со многу малку средства сепак се извлекуваат одреден број гласачи од телото кое гласало за СДСМ и овие гласачи се припојуваат на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ, оценува професорката.

Најчевска не смета дека било која од големите партии размислува или има намера да работи на промени.

-На сите им одговара ситуација во која се оди по нагазените патеки од претходникот и се повторува мантрата дека и тие другите правеа вака, заклучува соговорничката.

Се кристализираат коалициите во предизборието

Засега на политичката сцена и во македонскиот и во албанскиот блок по две големи коалиции. Вчера во просториите на СДСМ, претседателот на партијата, Димитар Ковачевски потпиша меморандум за соработка со претседателот на Движењето за Нова Република, Ивон Величковски, со кој се проширува соработката со сите општествени и политички чинители, а во насока на продолжувањето на активностите кои означуваат обезбедување европска иднина за граѓаните. Поддршка за претстојните избори, Ковачевски доби од НСДП и од ДОМ. Претседателот на НСДП, Горан Мисовски, како и Соња Мираковски и Мики Милковски ќе бидат кандидати на листите на коалицијата во Третата, Четвртата и Втората изборна единица. Претседателката на ДОМ, пак, Маја Морачанин да биде кандидат за пратеник на шестата позиција на заедничката листа на коалицијата предводена од СДСМ во Првата изборна единица.

До крајот на неделава ВМРО-ДПМНЕ ќе ја објави коалицијата со која заедно ќе настапи на парламентарните избори. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски обзнани дека освен досега декларираните партии кои излегоа од владината коалиција, во најава се и други, но има и такви за кои нивната партија оценила дека не споделуваат исти вредности. ВМРО-ДПМНЕ неодамна ги соопшти и носителите на изборните листи – Христијан Мицкоски во Првата, Владо Мисајловски во Втората, Драган Ковачки во Третата, Александар Николоски во Четвртата, генералниот секретар Ѓоргија Сајковски во Петата и Дафина Стојановска во Шестата изборна единица.

-Не се сомневам во големата победа што Албанците од Македонија никогаш не ја извојувале. Тоа ќе биде најголемата победа во историјата на независноста на оваа држава, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети, од Тетово, каде што заедно со Мендух Тачи, лидерот на ДПА, како и лидерите на Народното движење и Европската демократска партија, Скендер Реџепи-Зејд и Аријанит Хоџа, потпишаа коалициски договор во рамките на „Европскиот фронт“ за претстојните парламентарни и претседателски избори во земјава кои треба да се одржат на 24 април и 8 мај. Се очекува и потписот од крилото на АА, предводено од Зијадин Села.

Веќе одамна е познато дека здружената албанска опозиција, предводена од Алтернатива, БЕСА и Демократското движење, како и лидерот на АА и нивен претседателски кандидат, Арбен Таравари, ќе настапат заедно на изборите.

Со ветувања за повисоки плати, праведен систем, силна економија, поддршка за младите, вложување во здравствениот сектор и земјоделството на изборите ќе настапи и политичкото Движење ЗНАМ на кумановскиот градоначалник и кандидат за претседател, Максим Димитриевски.

И Левица деновиве порача дека ги има „вистинските носители на пратеничките листи во шестте изборни единици“.

Н.П.

Слични содржини