Државната изборна комисија упати апел до гласачите и до избирачките одбори во пресрет на утрешните двојни избори. Според членот на ДИК, Бобан Стојаноски, избирачкиот одбор задолжително го прашува гласачот дали сака да гласа за двата вида на избори или само за еден вид одеднаш.
Гласачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето демократско право.
-Гласачот добива две гласачки ливчиња доколку се одлучи да гласа за двата вида на избори или само едно гласачко ливче за изборите за кои се одлучил да гласа. Тој гласа сам и тајно зад гласачкиот параван, истакна Стојаноски на прес-конференцијата на ДИК.
Од ДИК апелираат до избирачките одбори и општинските комисии да ги почитуваат законите, Изборниот законик, упатствата и правилниците донесени од страна на ДИК, со цел успешно спроведување на двојните избори.
Утре ќе се одржат единаесеттите парламентарни избори, заедно со вториот круг од претседателските избори. Во вториот круг од битката за шеф на државата ќе се соочат кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, и актуелниот претседател и кандидат за втор мандат на функцијата Стево Пендаровски, кој ја има поддршката на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“.
Во првиот круг од претседателските изборни што се одржа на 24 април, според податоците на ДИК, Силјановска-Давкова освои 363 086 или 40,08 од гласовите, додека за Пендаровски гласаа 180 500 граѓани или 19,92 отсто.
На парламентарните избори граѓаните ќе гласаат за нов состав на Собранието. Се избираат 120 пратеници според пропорционалниот модел. Се гласа во шест изборни единици, на колку што е поделена територијата на државата според Изборниот законик и од секоја се избираат по 20 пратеници.