В среда ќе се прегласува на седум избирачки места, можна е распределба на два пратенички мандати

од Nikola Popovski
502 прегледи

Откако Управниот суд ги одби сите 7 тужби од коалицијата Европски фронт, во среда ќе се прегласува на 7 избирачки места во 5-та и во 6-та изборна единица. Вечер на полноќ почнува изборниот молк.

По направената симулација на Државната изборна комисија, ќе се прегласува на по две избирачки места во општините Крушево и Долнени, и на по едно во Охрид, Струга и во општина Желино. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови. Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.

Можно е да дојде и до промена во распределбата на два мандати за пратеници. Според пресметките на партиите, со прегласувањето најмногу може да загуби ДУИ, двајца пратеници – по еден во петката и шестката. Во шестата изборна единица, Европскиот фронт освои 9 мандати наспроти 7 на коалицијата ВЛЕН. Доколку разликата на ова избирачко место се зголеми за дополнителни 80 гласа, тогаш резултатот ќе биде 8:8.

Во ИЕ5, поништено е гласањето во 6 избирачки места. Таму ВМРО-ДПМНЕ доби 10 пратеници, Европски фронт 4 и СДСМ тројца, но по прегласувањето може да се случи СДСМ да освои еден повеќе, а има и опција коалицијата Твоја Македонија, предводена од ВМРО ДПМНЕ да добие еден или двајца пратеници, во зависност од пресметката со Донтовиот модел.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се блиску до конечното распределување на ресорите, иако се држат во тајност разговорите откако ги утврдија принципите на делување на новата Влада. Со прегласувањето во среда, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се надева на уште еден пратеник во петката и како што вели ќе бидат обезбедени 62 пратеници во Собранието. Следната цел како што рече е две третини во Парламентот.

Еден од лидерите на ВЛЕН, Арбен Таравари оптимистички гледа на формирањето влада со став дека нив би требало да им припаднат шест министерски места, како и претседателското место во Собранието.

Слични содржини