Прегласувањето за изборите заврши, ДИК ги одби приговорите, па оттаму веќе е познат конечниот распоред на силите во Собранието. Во вторник на конститутивната седница треба да се избере верификационата комисија којашто ќе ги завери мандатите на 120-те пратеници, да се избере Комисијата за избори и именувања и потоа да се изгласа новиот собраниски спикер. Веќе е познато дека се израмнија мандатите на СДСМ и на Европскиот фронт со по 18, при што коалицијата ВЛЕН доби еден пратеник повеќе.
Постои дебата во јавноста дали Европскиот фронт е вистински претставник на сите заедници и треба да биде во Влада, со оглед дека во коалицијата имаат и политичари од ромската, турската и бошњачката заедница, во однос на ВЛЕН кај што се исклучиво партии од албанскиот блок во коалиција. Дилемата е кој од нив, иако ДУИ освои повеќе гласови, има повеќе право да ги застапува немнозинските заедници во Влада?
Дел од домашните аналитичари сметаат дека „малтретирање со нервите е објаснувањето за етнички гласови со кои сака да се покрие бесконечната желба за власт со аргументи на генетични гласови“. Според професорот Мерсел Биљали, тоа е примитивно, но најважно од се е тоа што нема да имаме политичка стабилизација.
-Не велам безбедносна дестабилизација, туку политичка,така што таков инает ќе одзема доста време, наместо за реформи и развој, ние ќе се караме, ќе бојкотираме,ќе обструираме оти немаме основни принципи како да составиме власт, туку инаетот и омразата е главен критериум за тоа. Како поинаку кога пред да се оддржи гласањето вие се сликате за влада. Ние ќе имаме тешки политички караници. Првин ВМРО-ДПМНЕ започна со национална хистерија „да ја вратиме државата“ или „Македонија повторно е твоја“ што во срж е фашизам. Потоа возвратија од ДУИ со закани, а ВЛЕН цело време сакаше својата празнина без никаква понуда за развој да го оправдува со наводно чисти гласови, што исто така е крајно разочарувачки за едно елементарно општество, порачува Биљали во разговор за „Локално“.
Потенцира дека ваков развој на настаните веќе нема ниту во Африка, ниту во јужна Азија, туку во срцето на Европа.
-Мое мислење е дека газење врз волјата на гласачите само за да се демонстрира сила – „дајте ми 61 пратеник“ асоцира на тоа дека другите гласачи се непосакувани, туѓи, или едносатвно неријатели, што доведува до тешки поделби. Тука вина има и Влен оти по секоја цена бара незаслужена власт, наместо да седне да разговара соодветно резултатите. Но, сите сме помалку или повеќе комплексирни. Расипаниот систем исфрлува на површина расипаност. Нормалните или си бегат или стануват индиферентни. И по 34 години ние никако да оздравиме од дијагнозата комплексно општество кое не прифаќа здрав разум. Ние се уште сме заробени со умот во 1990 година, а со тоа се друго е заробено. И сигурен сум дека некоја вонприродна енергија или сила цело време не казнува колективно, иако веќе доста не има веќе казнето заслужно. Ние сме експеримент како не треба да функционира едно општество. И затоа ќе завршиме по сите страни на светот оти тоа го заслужуваме, смета професорот.
Играње со прегласувања и селективно отварање кутии, според него, е провидна манипулација со цел да се најде оправдување на тоа што се вика инжинеринг, но тоа, додава Биљали, е температура на болеста.
-Причината на болеста е длабока и тука сите имаат вина оти корупцијата и криминалот ни бил најверен сојузник. Немањето мерит-систем го уништува секое општество, секоја нација и затоа сме тука каде што сме на работ на кањонот. Наместо да се гордееме што создаваме мултиетничка коалиција ние тоа го напаѓаме, го сатанизираме. Затоа имаме латентан политичка криза које уште пожестоко ќе биде во иднина. Вака се губи надежта дека воопшто некогаш ќе имаме нормална држава и власт. Тука ќе дојдат други нации и тие брзо ќе напредуват. Ние сите ќе исчезнеме. Сте слушале од некоја партија за конкретна развојна економска програма во секој дел од државата? Тоа го немаат и не знаат дури да го направат. Не знаат што е развој ниту сега, ниту во минатото знаеле, а најмалку за во иднината. Тоа е несреќата наша и сега бараме виновници оти сме меѓу последните на целиот свет, критикува аналитичарот.
Додава дека многу добри познавачи тука и во светот, сметаат дека Македонија може да се спаси како последна шанса, со широка коалиција со јасни развојни програми и мерит систем во сите нивоа, преку еден вид на ментална и институциионална мирна револуција.
-Поинаку не ни се пишува воопшто добро, потенцира Биљали.
Поранешниот пратеник, Зуди Џелили смета дека непишано правило е да има влада од политички партии што ги преставуваат двете поголеми заедници. Со оглед дека ВМРО-ДПМНЕ има поголема поддршка во македонскиот блок, ВЛЕН има поголема поддршка кај албанскиот.
-Европскиот фронт нема само албански гласови, туку ги собра и помалите заедници, а такви партии има и ВМРО-ДПМНЕ во нивната коалиција и затоа во коалиција требаше да се престави волјата на албанската заедница односно волјата на мнозинството албански гласачи, вели Џелили во краток разговор за „Локално“.
Со тоа што доби уште еден пратеник, додава екс-пратеникот се зацврсти позицијата на Влен како учесник во владата како застапник на мнозинството албански гласови.
-Мислам дека и позицијата и опозицијата имаат значајни можности да придонесуваат за успешни реформи и за напредок на државата во процесот на евроинтеграции, истакнува Џелили.
Во меѓувреме, ДУИ не ги признава резултатите од прегласувањето. Преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ се во напредна фаза, но сè уште не е постигнат конечен договор, потврди партискиот портпарол Наум Столковски. Нема детали за кадровските решенија. Во игра се и економските и политичките ресори, вели тој, но најважно е да се прифатат принципите на новата Влада и генералната програмска определба – европските интеграции, борбата со корупцијата, реформи за брз економски развој. ВМРО-ДПМНЕ внимава, додава Стоилковски, персоналните решенија кои се нудат во коалициските преговори да не бидат компромитирани на кој било начин.
Од коалицијата ВЛЕН воздржани. Ни од таму не потврдуваат со кои министерства ќе управуваат. Африм Гаши од Алтернатива ниту демантира ниту потврдува дали ќе седне на спикерското место во Собранието.
Движењето Знам на Максим Димитриевски би бил евентуалниот трет партнер во Влада, со кого се очекува наскоро да почнат преговори, но од таму велат дека сè уште немаат добиено покана. Доколку дојде до преговори во текот на наредниот период ќе се држат до нивните програмски определби.
Н.П.