Напади од Грција и Бугарија: Имаме ли најава за нова стратегија во надворешната политика?

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Од утре нов парламентатен состав, а за дваесетина денови и нова влада, на која веќе ѝ се надзираат контурите и функционерите кои ќе ги предводат ресорите. За еден од најбитните ресори – МНР, се спомнува името на Александар Николоски како човек кој би ја предводел официјалната дипломатија. Покрај исполнување на заложбите од ЕУ за понатамошен чекор напред, битни се и односите со соседите, а еден од тој чекор е и почитување и спроведување на Преспанскиот договор со Грција.

-Го почитував Преспанскиот договор и изјавата ја потпишав со уставното име, смета претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова. Реакциите на јужниот сосед не стивнуваат, откако при свечената заклетва во Собранието, таа употреби Македонија, без придавката „Северна“. Сиљановска-Давкова вели, имам право на самоопределување и на самоидентификација.

-Впрочем и во самиот Преспански договор јасно стои дека во документите, во комуникацијата ќе се употребува името од Преспанскиот договор. Значи, јас не гледам  тука дека е тоа  повреда. Јас ниту ја искинав изјавата, ниту реков дека нема да го почитувам Уставот, ниту реков ќе го раскинувам Преспанскиот договор. Едно е што јас сум го критикувала Преспанскиот договор, заради постапката на донесувањето, заради неусогласеноста со Повелбата на Обединетите Нации. Но, тоа е правен факт, тоа е реалност и  јас ќе ја почитувам, додава Сиљановска Давкова.

Кои се предизвиците во надворешната политика?

Дел од поранешните дипломати во земјава сметаат дека обврските и амбициите кои ги имаше претходната влада ќе бидат исти како и на новата влада, а тоа се пред се обврските од Преговарачката рамка со ЕУ и решавање на проблемот со Бугарија, како и развивање на добрососедството со Бугарија и Грција. За професорот и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин, непотребните изливи на емоции на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска Давкова беа еден вид на однесување како се уште да се опозиција, но, како што вели, на крај се освестија.

Нано Ружин

-Мислам дека реакциите кои дојдоа од Софија, Атина и Брисел покажуваат дека оваа влада мора да зазеде правилна насока на патот кон ЕУ. Единствено олеснителна околност е што се тоа што беше кажано е во услови кога нема влада и не е формиран парламентот. Непријатна ќе биде епизодата за ВМРО-ДПМНЕ тоа што го кажа бидејќи сега „ќе треба да се покриваат со пепел“, со оглед дека нивната основна изборна стратегија беше токму проблемите со Преговарачката рамка. Овие смешни епизоди и изјави со „северџани“ и Северна Македонија… ќе исчезнат бидејќи и тие самите знаат дека тоа е услов без кој што не се може во Европа и без кој не може да се средат добрососедските односи, оценува Ружин во разговор за „Локално“.

Според него, Сиљановска Давкова сакаше да прикаже нешто кое што наводно го држи до себе, но беше многу дискутабилно.

-Како претседателка мораме да ја почитуваме, иако тие гафови не се пријатни. Доколку се продолжи со проблематиката околу непризнавање на Преспанскиот договор и неприфаќање на Преговарачката рамка, може да дојде до влошување на односите со Грција и Бугарија. Ние како држава сме со послаба преговарачка позиција, додека тие можат да влијаат од позиција на сила. Сметам дека по првите неслагања и договарања кои помалку личат на карневал и смешни епизоди од К-15, се ќе си дојде на место и ќе бидат надминати, со што ќе се продолжи патот кон ЕУ, тврди Ружин.

За спомнување е и фактот дека по повод одбележувањето на ликот и делото на словенските просветители, Светите браќа Кирил и Методиј во Рим, новата претседателка постави венец на кое беше испишано: „Претеседател Гордана Сиљановска – Давкова“, без името на државата. Оттука се поставува дилемата – гордост или недостоинствен личен хир? Екс-амбасадорот на земјава во Турција, Горан Тасковски смета дека не само во изминатиот период, истото се однесува и за периодот уште подалеку во минатото, а тоа е дека македонската надворешна политика е „многу лабава, млитава, дефанзивна и наредена со порази“.

Горан Тасковски

-Некој може да тврди и да не убедува дека ние сме мала држава, мал народ и дека не можеме да бидеме влијателни во светската политика. Можеби до некаде тоа е точно, но кога се однесува на македонските народни и национални интереси и за битни прашања за постоењето на Македонија и македонскиот народ, тука нема мали, големи или било каков компромис. Видовме во изминатиот период колку и како меѓународната глобалистичка заедница буквално игра мајтап со Македонија и македонскиот народ, не водејќи сметка за чувствата и основните човекови права на светиот македонски народ, објаснува Тасковски во разговор за „Локално“.

За да покажеш колку си добар и светски дипломат, според дипломатот, не е во тоа да покажеш колку знаеш и умееш да ги задоволиш потребите на таканаречените светските моќни центри, прашањето е колку можеш да придонесеш за сопствената држава, без да извршиш било какво предавство или навреда кон сопствениот народ.

-За жал, новата власт која е во доаѓање, моментално само функционира новиот претседател, наскоро ќе биде целосна, не дава некоја надеж дека еднаш засекогаш ќе застане цврсто да ги брани и спроведе македонските потреби и со векови наназад даденото право да бидеме Македонци, со име Македонија, но не само усно, тука и на хартија и официјално.

Играњето топло ладно од страна на македонските нови политички сили и државници, многу личи на глобалистичкото – не си ни машко ни женско. Срамота е, не можеш да играш со македонскиот народ, мора да се одлучат, дали прифаќаат СЕВЕРНА и да ја користат таа навреда секаде и секогаш, или не прифаќаат СЕВЕРНА и јавно, јасно и гласно раскинуваат се што е навредливо, незаконско, анти уставно, насилно и поразително за татковината, апелира Тасковски.

Според поранешниот амбасадор, се насетува дека дадени се ветувања од новите државни сили, „дека се што беше ветено од СДСМ и требаше да се реализира, ќе биде реализирано од новата власт, дали тоа ќе биде со компензација преку популарни економски зафати, за да се покаже придонесот од уствавните измени или да се минимизира незадоволството од истите и од другите ветени промени во македонското општество“.

-Сериозни личности и сериозен македонски државен кадар, кои не е закован и сопственост на глобалистичкиот свет, ќе ги направи вистинските потези во корист на Македонија, базирајќи се врз темелните промени во светски рамки кои се започнати и кои ќе бидат со поголем интензитет во наредниот период.

Времето е дојдено и поволно за да се реши македонското прашање, да се зацврстат еднаш засекогаш македонските темели, да се покаже одлучност, сериозност, да се застане стабилно со македонско срце, да се предочи дека играњето играчки со слатки безобразни ветувања е минато, и дека конечно застанува Македонецот да си го брани своето, без да посака туѓо, дециден е Тасковски.

Нова државна стратегија за надворешна политика, додава дипломатот, не може да биде продолжување на преговори, барање на гаранции, наоѓање на побезболен начин за спроведување на туѓи интереси.

-Новата македонска надворешна политика мора да биде македонска, со стратегија која се темели врз светски прифатени правила, норми и цивилизациски односи за постоењето на секој народ и секоја држава, зошто да бегаме и да измислуваме нови термини, правила, светски чуда за практикување на светската надворешна политика, со кој се чуди секоја разумна личност, кој има барем основно познавање од меѓународното право.

Народот на новата власт во Македонија им даде легитимитет за да ги брани македонските интереси, да го врати името и да ги укине сите анти-македонски закони и прописи во Македонија, се друго е продолжување на истите политики од претходната власт, само со други личности. Да покажеме одлучност, ќе се изненадиме колку Македонија има вистински, реални пријатели кои би застанале на наша страна за конечно вистината и правдата да излезе на површина, заклучува Тасковски.

Две недели по заклетвата, речиси и да не минува ден без Грција да повика да се почитува договорот од Преспа.

Пораките дополнително се засилија по изјавата на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака. Тамошниот премиер, Кирјакос Мицотакис призна дека меморандумите ги чуваат како оружје за притисок врз нас во очекување на доследна примена на Преспанскиот договор.

Н.П.

Слични содржини