Со 77 гласа „за” Собранието ја изгласа новата Влада

од Nikola Popovski
5,3K прегледи

Собранието ја избра новата Влада на државата. Со 77 гласови „за“ и 22 „против“, Македонија ја доби 20-тата влада од независноста на државата.

За претседател на Владата е избран Христијан Мицкоски, кој ќе биде 13-тиот премиер во историјата на државата.

Заменик-претседател на Владата и министер за транспорт ќе биде Александар Николовски. Министерството за одбрана ќе го води Владо Мисајловски, а досегашниот технички министер Панче Тошковски ќе остане да раководи со МВР. Гордана Димитриевска Кочовска е предлог за министер за финансии, додека ракометарот Борко Ристевски ќе го води Министерството за спорт. Министерството за надворешни работи ќе го води Тимчо Муцунски, а Златко Перински ќе биде на чело на Министерството за локална самоуправа.

Министер за информатичко општество и дигитална трансформација ќе биде Стефан Андоновски додека новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе го води Сања Божиновска. Министер за земјоделие е Цветан Трипуновски додека Министерството за култура и туризам ќе го води актерот Зоран Љутков. Министерка за образование и наука ќе биде Весна Јаневска.

Љупчо Димовски, претседател на Социјалнистичката партија на Македонија (СПМ) ќе биде заменик-претседател на Владата одговорен за политички систем, Иван Стоиљковиќ, заменик-претседател на Влада и односи меѓу заедниците а Шабан Салиу ќе биде министер без ресор.

Од Коалицијата „Вреди“, министер за европски прашања ќе биде Орхан Муртезани од Алтернатива, министер за животна средина и вицепремиер – Изет Меџити лидерот на Демократско движење,  министер за социјална политика, демографија и млади – Фатмир Лимаи од Беса,  министер за економија и труд –  Бесар Дурмиши од Беса и министер за здравство Арбен Таравари.

Од партијата „ЗНАМ – за наша Македонија“ ќе има двајца министри. Министер за правда ќе биде Игор Филков и министер за јавна администрација ќе биде Горан Минчев.

Во собраниската сала останаа пратениците од редовите на СДСМ, додека пратениците од ДУИ и Левица ја напуштија седницата.

Ова беше седма седница на новиот парламентарен состав.

Слични содржини