Брисел предупредува, Вашингтон загрижен поради вклучувањето на проруски партии во Владата на Црна Гора

од Nikola Popovski
321 прегледи

Реконструкцијата на владата е внатрешно прашање на Црна Гора, соопшти Европската комисија (ЕК).

„Силно предупредуваме на какви било одлуки кои можат да го загрозат стратешкиот пат на земјата кон ЕУ, кој е поддржан од огромното мнозинство граѓани на Црна Гора“, навел портпаролот на ЕК.

Од Комисијата нагласуваат дека е важно да се постигне консензус во унапредувањето на реформите.

„Клучно е политичките сили да продолжат да дејствуваат конструктивно со цел да се изгради потребниот консензус за напредокот во реформите поврзани со ЕУ во сите области“, појаснуваат од ЕК.

Тие исто така посочуваат дека одржувањето на целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика во согласност со стратешките насоки на земјата останува клучно за патот на Црна Гора кон ЕУ, пренесе РТЦГ.

За разлика од официјален Брисел, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Подгорица е загрижена поради, како што соопштија, вклучувањето во Владата на партии и лидери кои не ја осудуваат руската агресија врз Украина и се противат на санкциите на ЕУ врз Русија.

Парламентот на Црна Гора денеска гласаше за реконструкција на владата, која сега вклучува две проруски и една бошњачка партија. Со ова Владата брои вкупно 32 члена, што ја прави најбројна во историјата на парламентаризмот на Црна Гора, земја со 630.000 жители.

Од Амбасадата за Радио Слободна Европа велат дека поддржуваат влада посветена на пристапување во Европската унија, почитување на евроатлантските вредности и целосно учество во НАТО, што го одразува мултикултурниот состав на Црна Гора.

-Загрижени сме поради вклучувањето во Владата на партии и лидери кои не ја осудуваат руската агресија врз Украина, се против санкциите на Европската унија против Русија и чии постапки се во директна спротивност со принципот на добрососедски односи, соопштиле од Амбасадата.

Ја повикаале Владата и пратениците во Собранието да останат фокусирани на заедничката цел за влез во Европската унија и да избегнуваат контрапродуктивни прашања кои ја загрозуваат таа цел и предизвикуваат поделби.

-Како сојузник и близок партнер на Црна Гора, САД ќе продолжат да ги поддржуваат и признаваат конструктивните активности на Собранието и Владата, посочувајќи ги активностите кои се во спротивност со евроатлантските вредности и го загрозуваат опипливиот напредок кон интеграцијата во Европска Унијам велат од Амбасадата на САД.

Две партии на поранешниот проруски Демократски фронт (ДФ) – предводени од Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ – освоија две потпретседателски и три министерски позиции.

Политиката на ДФ е спротивна на официјалната политика на Црна Гора, која е најсериозен кандидат за членство во Европската Унија.

Тие партии се залагаат за укинување на санкциите против Русија поради нејзината агресија врз Украина, не ја признаваат независноста на Косово, се противат на членството на Црна Гора во НАТО, го негираат геноцидот во Сребреница и ги поддржуваат воените злосторници Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Освен што го поддржуваат рускиот претседател Владимир Путин, нивните лидери имаат блиски политички односи со претседателите на Србија, Александар Вучиќ и со претседателот на ентитетот Република Српска, Милорад Додик.

Слични содржини