Скопје се сеќава – 61 година од катастрофалниот земјотрес

од Nikola Popovski
73 прегледи

Скопје денеска одбележува 61 годинa од земјотресот кој го разори градот. Во земјотресот животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени околу 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без покрив над главата. Земјотресот се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути.

Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание ѝ даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје. На 14 октомври, по двочасовна дискусија, Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада при реконструкцијата на Скопје.

Две години по страшниот земјотрес кој го остави главниот град во урнатини, формиран е Институтот за земјотресно инженерство кој денеска прерасна во респектибилна институција со цел планирање и проектирање на најсовремени техники и методи.

Годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје денеска ќе се одбележи со повеќе активности.

Слични содржини