Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје на 26.07.204 година достави Предлог за одлагање на закажана главна расправа за предметот со К.бр. 1339/24, насрочена на 30.07.2024 година, а поврзан со двојното убиство на малолетната В.Ѓ. и велешанецот П.Ж.
-Имено, со оглед на фактот дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки.
Имајќи го предвид добиениот предлог на обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постапката, судот ги отповика наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, велат од Кривичниот суд.
Истражната постапка е завршена и за уште едно лице осомничено за помагање по извршување на кривичното дело. Постапката против него ќе се води одвоено.
Основното јавно обвинителство Скопје во мај годинава поднесе обвинение против четири лица за грабнување и сурово убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. Обвинети се Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.
Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023, и според МВР, во потрагата по неа биле вклучени стотина полициски службеници, биле прегледани снимки од 50-ина камери и направени голем број информативни разговори. Безживотното тело на Вања беше пронајдено пред недела дена, во близина на скопското село Бразда. Нејзиното исчезнување го пријави нејзината мајка, а во потрагата се вклучија и надлежните институции и голем број граѓани.
Заднината на случајот со Ѓорчевска била да се изнудат пари од мајката на Вања, бил вмешан и член на семејството, а организаторот на сето тоа е и извршител на убиството.
Љупчо Палевски-Палчо беше екстрадиран од Турција, откако избега по убиствата.