Пратеникот од редовите на ДУИ, Арбер Адеми синоќа порача дека власта составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ ги поделила мислењата за укинување на албанскиот јазик како официјален јазик во Македонија. Тој ја повика коалицијата ВЛЕН да не толерира допирање на албанскиот јазик, бидејќи, како што вели Адеми, тоа е најсветото нешто на Албанците.
„Коалицијата ВМРО-ВЛЕН-ЗНАМ се чини дека ги подели мислењата за укинувањето на Законот за употреба на јазиците, поточно за укинувањето на албанскиот јазик како службен јазик во Северна Македонија. Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ секој ден се повикуваат на некое половично мислење на Венецијанската комисија, додека се обидуваат да го релативизираат мислењето дека наводно, дури и да се укине службената употреба на албанскиот, ќе биде подготвен уште подобар Закон.
Искрено, на најчесен можен начин апелирам до челниците на ВЛЕН да не толерираат допирање на албанскиот јазик – најсветото нешто на Албанците насекаде.
Се знае дека немате вештини за повеќе, но барем не рушете ги достигнувањата што ги заработивме со пот и крв, објавил Адеми.
Според претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Според него, јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија.
-Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, незнам и неможам да знам и нема да коментирам, изјави тој неодамна.
Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година.