Денес се навршуваат три години од пожарот во модуларната болница во Тетово кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина лица беа повредени. Починатите се претежно пациенти, кои беа на болничко лекување поради Ковид -19 во таа модуларна болница, а двајца се членови на семејствата на болните.
Три години подоцна заврши првостепенот судски процес, а Обвинителството сè уште работи на предистражна постапка околу тендерот за набавка на модуларните болници. Во неправосилната пресуда има две условни казни, една парична и две ослободителни пресуди.
По пожарот на 8 септември 2021 година, почна истрага, која резултираше со обвинителен предлог до Основен суд Тетово на 27 јули 2022. Обвинителството ги обвини двајцата директори на Клиничка болница Тетово, Фљорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ и докторот Бобан Вучевски за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.
Првото судско рочиште беше закажано за 6 септември, но четири пати беше одложувано и судскиот процес почна на 4 декември 2022 година.
Судењето заврши на 5 јуни 2023 година, при што условна осуда од година и половина добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“.
Според пресудата, Флорин Бесими и Артан Етеми добија казна затвор од по една година и шест месеци. Им се изрекува условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело.
Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда.
– Жалбата се однесува како во однос на висината на определената кривична санкција за двајца од обвинетите, така и во однос на ослободителната пресуда за еден од обвинетите. Причините за жалбата јавното обвинителство ќе ги образложи пред надлежниот суд, информираа од Обвинителството.
Од Јавното Обвинителство воедно потсетуваат дека во врска со тендерот за набавка на модуларните болници и понатаму се води уште една предистражна постапка во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
После првостепената пресуда на Основен суд Тетово и поднесените жалби од овој месец предметот е во Апелационен суд Гостивар.
– Кривичниот предмет на Основен суд Тетово К.бр. 450/22 од 05.06.2023 година во Апелационен суд Гостивар е примен на ден 04.09.2023 година и заведен под број КЖ.бр. 318/23, е даден на работа во кривичниот совет при овој суд и се постапува по предметот, запазувајќи го редоследот по утврдениот Годишен распоред за 2023 година, согласно одредбите од Законот за кривична постапка и Судскиот деловник, информираа од Апелационен суд Гостивар.
Основното јавно обвинителство Тетово на 10 јули 2023 година поднесе жалба на првостепената пресуда.
По оваа претставка, Апелациониот суд расправаше во април 2024 година и со ова донесе одлука со која наложи повторно судење за поранешните директори на тетовската болница, Флорин Бесими и Артан Етеми, како и на болницата Тетово како правно лице. За лекарот Бобан Вучевски, Апелациониот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди ослободителната пресуда на првостепениот суд.
На 26.06.2024 година беше закажано првото рочиште за повторното судење на двајцата директори, но истото беше одложено за 25.09.2024 година поради отсуство на претставници од Клиничката болница Тетово.
На 8 септември 2023 година, на двегодишнината, пред судот во Тетово се одржа марш и јавен протест во организација на семејствата на 14 лица кои ги загубија животите во пожарот во модуларниот објект во Тетово. Семејствата организираа марш и јавен протест на 15 септември 2023 година и во Скопје. Протестниот марш започна на плоштадот Скендербег, а заврши пред Јавното обвинителство.