Со разрешувањето на Рамука, МВР и Тошковски ги потврдија сите информации што ги објави СДСМ како апсолутно точни – велат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
29 прегледи

СДСМ го коментира разрешувањето на началникот Наим Рамука. Од партијата велат дека поради „нивен притисок, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и МВР конечно признале вина кај Рамука“.

-Власта не успеа да го спаси, иако се обудуваше да ги заташка бројните скандали и да му обезбеди заштита на Рамука. На границата со Косово се случија серија на скандали за кои СДСМ секојдневно алармираше. По налог на Рамука слободно, без контрола и евиденција се поминуваше, што беше случај и со сватовите на Гаши, но и со бегството на Рамадани, наведуваат од „Бихаќка“.

Од партијата на Венко Филипче додаваат дека „со разрешувањето МВР и Тошковски уште еднаш ги потврдија сите информации што ги објави СДСМ како апсолутно точни“.

-Иако Мицкоски негираше а Тошковски молчеше. Но, разрешувањето на Рамука е само еден чекор, тој мора и законски да одговара. Очекуваме Обвинителството да постапи по овој случај и сите инволвирани во скандалите на северната граница законски да одговараат, велат од партијата.

Рамука се најде на удар на опозицијата како главен организатор на бегството на Блерим Рамадани на Косово, но и за пропуштањето на колоната свадбари, која ја предводеше претседателот на Собранието, Африм Гаши.

За последниот случај, МВР покрена и дисциплинска постапка, а мерки беа поведени и за шест полициски службеници.

Рамука беше таргетиран што дозволил колоната возила кои беа заедно со собранискиот спикер Африм Гаши упатувајќи се на свадба на Косово, да бидат пропуштени на граничниот премин Блаце, без никакви проверки.

Слични содржини