Адеми за балансерот: Се врати мајоризацијата, нема повеќе работа за Албанците

од Nikola Popovski
167 прегледи

„Ова што се случи во Уставниот суд е само проста реализација на ветувањата и програмските определби на ВМРО-ДПМНЕ. Улогата на ВЛЕН е во својство на гледач кој се плаши дека можеби некој седнува на неговото место и покрај тоа што едно по едно се поништува секое достигнување на Албанците“, вака реагираше потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми по времената мерка за употребата на „балансерот“.

Според него, „мајоризацијата на Албанците се врати“.

-Од Собранието сега беше преместена во Уставниот суд. Албанските членови беа надгласани. Судиите беа поделени по етничка линија. Балансерот беше суспендиран. Нема повеќе работа за Албанците, со исклучок на повремени случаи, така да се каже, реагира Адеми кој одлуката ја поврза со делови од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

-Еве ја изборната програма на ВМРО каде ова беше ветено и реализирано денеска. Овде ја имате програмата на Владата, каде што истото е опишано и ВЛЕН гласаше за неа. Реализацијата се случи денеска. Честитки, стои во објавата на социјалните мрежи на еден од челниците на ДУИ.

Уставниот суд донесе времена мерка со која прекинуваат вработувањата по етнички клуч во администрацијата. Поведена е постапка за проверка на уставноста на примената на „балансерот“, на иницијатива на Антикорупциската комисија. Со неа се оспорија членови од Законот за вработување во јавниот сектор и Законот за административни службеници, бидејќи се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на национална припадност и достапноста на работни места за сите граѓани.

Слични содржини