Експертите предупредуваат: Во услови на енергетски хаос не е прашање дали, туку колку ќе поскапе струјата

од Vladimir Zorba
161 прегледи

Одлуката на Владата да ја остави АД ЕСМ сама да бара излез од кризата во пресрет на зимската сезона, алармот дека нема доволно јаглен за стабилно производство во старите термоелектрани и се поголемиот увоз на електричната енергија, за дел од експертите се и повеќе од јасен сигнал каде ќе се движат работите во однос на снабденоста и цената на електричната енергија. А тој во секој случај, е далеку од позитивeн. Согласни се дека во изминативе неколку месеци ситуацијата ја “извлекле” фотоволтаиците но во услови на немање базна енергија, предизвик според нив, ќе бидат зимските месеци, декември, јануари и февруари.

-Електричната енергија може да биде проблем ако зимата е остра, но ако зимата е блага како во последните 3-4 години, не очекувам големи проблеми. Во секој случај треба однапред да се направат набавки, уште сега да се склучат договори за декември, јануари и февруари . За да бидеме сигурни, уште сега треба да се обезбеди базна енергија по 100-тина MWh без разлика каква ќе биде зимата. Познато е дека АД ЕСМ е во финансиска криза, но тука треба државата да помогне, тоа е сепак компанија во државна сопственост, вели за „Локално“, професорот Андон Чаушевски.

Лошата состојба во енергетскиот сектор неминовно ќе се прекрши на грбот на потрошувачите. Очекувањата на професорите Чаушевски и Цицонков се дека сметките за електрична енергија од следната година, ќе бидат за најмногу 10 % повисоки.

Андон Чаушевски

Андон Чаушевски

-Сигурен сум дека од 1 Јануари ќе се зголеми цената на електричната енергија за потрошувачите. Очекувам сметките да бидат повисоки за 5-10 %. Ќе се бара баланс да не е превисоко, но да ги покрие трошоците за производство, вели професорот Андон Чаушевски.

Електричната енергија произведена во РЕК Битола е 133 евра/MWh. Од хидроцентралите и фотоволтаици е поефтино, па се добива некоја средна цена од околу 100 евра/MWh. А ЕСМ ја продава на ЕВН за околу 60 евра/MWh. Значи, свесно оди во загуба, а бидејќи ЕСМ е во државна сопственост, мора државата (Владата) да ја покрие таа загуба. Или ЕСМ да ја продава на ЕВН струјата по повисока цена, ама тогаш ЕВН мора да ја качи цената кон граѓаните. Тоа е вртење во круг. Или државата ќе ја плати разликата во цената на ел. енергија (меѓу ЕСМ и ЕВН) од буџетот (тоа ќе го нарече субвенција) или ќе ја качи цената кон грааѓаните. Но ако ја качи цената, тоа ќе биде за најмногу 10%, останатата разлика ќе ја плати од буџетот, вели за Локално проф.д-р Ристо Цицонков.

Ристо Цицонков

Ристо Цицонков

Како особено суштински елемент во вкупната енергетска слика Цицонков го посочува гасоводот со Грција, посочувајќи ја потребата од внимателност која нашата држава мора да ја превземе .

-Треба да знаете дека сегашниот гасовод (од граница со Бугарија) работи со околу 20% капацитет, а кога е вклучена Те-То, гасоводот се користи со најмногу 45%. Значи капацитет за транспорт на гас преку гасовод имаме доволно. Интерконекторот со Грција е важен евентуално ако ни го затворат постоечкиов гасовод. Пожелно е да го имаме за секој случај (за сигурност), а реално сега не ни треба, вели Цицонков

Алармирајќи дека енергетскиот сектор е во многу лоша состојба, укажува дека не може новата влада да го реши тоа во краток рок. Според него, мора да се изградат нови државни централи за производство на базна електрична енергија, а за да излеземе од овој хаос смета дека ни се потребни најмалку пет години.

Теза која се провлекува и кај двајцата експерти е дека во целиот досегашен период од осамостојувањето на Македонија, сите аргументи и анализи за итна потреба од изградба на нови енергетски капацитети остануваат без епилог, што секако е основна причина за актуелната состојба на нашиот енергетски систем.

Енергетските прашања се болни и секогаш во нив се вмешува политиката.Тоа е најлошо, политика во енергетика, постојано натегање кој е крив зошто е крив, кој треба да гради, и додека се расправаат им поминува мадатот. Енергетиката е долгорочен процес за кој мора консензус за развој. Ние имаме стратегија но не се придржуваме на неа, За РЕК Битола последниве години се зборува едно те исто.Стари капацитети преку 40 год, векот го одслужиле и второ што немаме јаглен., вели Чаушевски. Посочува дека со години наназад укажува на потребата од изградба на нова гасна електрана, но на тоа поле ништо не се случува. Оттука, како целосно ппогрешен го посочува фактот дека секогаш за овие работи зборуваме во пресрет на зимата, а кога таа ќе помине, забораваме.

К.В.С.

Слични содржини