Соединетите Американски Држави одбројуваат. За еден ден ќе се знае кого Американците избрале за станар на Белата куќа во следните четири години. Трката и натаму е неизвесна. И демократите и републиканците велат дека победуваат во повеќето клучни држави. Според последните податоци, повеќе од 70 милиони гласачи го искористиле своето право и предвреме гласале на претседателските избори.
Американските избори ќе се почувствуваат ширум целиот свет, вклучително и во Македонија и на овој или оној начин ќе влијаат на политиката. Со текот на годините, земјава беше во вниманието на САД, без разлика на нејзиното политичко раководство. Оттаму значајно е да се види каква политика ќе води македонската Влада доколку Доналд Трамп победи на изборите и каква е иднината на Балканот доколку токму екс-претседателот на САД направи „кам-бек“ во Белата куќа? За дел аналитичарите, новинарите и општата јавност имаат стотици различни мислења и анализи за тоа кој и зошто може да победи. Според професорот и аналитичар на состојбите, Мерсел Биљали, и по вторник веројатно ќе има многу медиумски стории, особено ако веднаш не се знае изборниот резултат.
-Конечниот резултат зависи и од гласовите што пристигнуваат по пошта и чија проверка може да потрае и по вторник, особено ако станува збор за гласови во клучните, „свинг“ држави. Но, по прв пат во историјата на САД луѓето таму се воздржуваат од коментарите кој би добил. Некако изгледа дека после „револуцијата“ на Трамп пред 4 години, луѓето се внимателни во изјавите. Значи владее страв од човек кој јавно се заканува, рече Биљали во разговор за „Локално“.
За Американците, прашањето за кого ќе гласаат во наредните денови е многу чувствителна тема, посочува соговорникот, сега повеќе отколку во некои претходни години и се разговара само со добри пријатели и членови на семејството, иако и во овие најблиски семејни кругови понекогаш може да предизвика турбуленции, оти поделбата стана многу жестока и емотивна.
-Тие што мислат дека треба да се гласа за Камала Харис, користат аргументи од типот – затоа што е жена и има афро-американско и индиско потекло, САД никогаш немале жена председател, дека Трамп е непресметлив итн. Таборот на Трамп се повикува на економски резултати од првиот мандат, дека тогаш немаше војни, дека САД треба да ги гледат проблемте внатре, а не во светот итн. Националните медиуми како што е „NBC“ емитуваа извештаи во кои младите Афроамериканци велат дека не треба да се очекува од нив автоматски да гласаат за афроамерикански кандидат и дека повеќе веруваат во пристапот на Трамп кон економијата, наведува професорот.
-Биљали оценува дека „ние не сме ништо, а ниту Унгарија во тој голем судир на слонови“.
-Кој и да победи, надворешната политика таму се креира од друга структура, која е докрај професионална и неемотивна. Тука се лоби групите, индустријата за производство и продажба на оружјето, Конгресот, Сенатот итн. Во тие мали нијанси што му преостануваат на претседателот во сферата на надворешната политика, тука никако не спаѓаме ние. Ние сега зависиме директно од Германија,Велика Британија и Франција.
Луѓето тука и на Балканот како целина претеруваат во нивните надежи, суеверност и теории. Кој и да победи таму, на нас нема да не гледа ниту со телескоп. Заврши тоа време кога Балканот за нив беше важна геополитика. Сега тоа се Украина, Молдавија, Казастан, Тајван, Индокина и точка. Во таа конкуренција од прволигаши, ние не сме ниту планинско-селска екипа, заклучува професорот.
Аналитичарот Даут Даути смета дека ако следиме некоја генерална линија што претставува политичкиот профил на Трамп, која секогаш на ум треба да го имаме неговото често чудно однесување во рамките на светската геополитика, не би било изненадување да има одреден процент на симпатизери и во Македонија, кои не се баш љубители на американската политика која ја знаеме сите и Трамп би бил персонификација на некој „американски анти-американец“, што би им одговарало.
За премиерот Христијан Мицкоски и да отвори шампањско за победата на Трамп во Македонија, додава Даути, не знам колку политиката на Трамп би влијаело за самата Македонија, бидејќи ако има нешто специфично во однос на регионот, тоа би било на релација Белград-Приштина или Репубика Српска, така што можеби во Србија би отвориле шампанско, иако, потсетува аналитичарот, да не заборавиме дека токму Трамп му удри шлаканица на српскиот претседател, кому на маса, ненајавено, му го објави најатрактивното признавање за Косово од Израел.
Во однос на регионот,например, Даути смета дека Бајден продолжил таму кај што застана Трамп.
-И навистина не сум сигурен што би било подобро и во однос на геополитиката: дали еден Трамп кој му дава безрезервна подршка на Израел во сите агресии надвор од секакви воени правила до воени злосторства против цивилите, и кој исто би бил прагматичен во однос на Украина да ја признае реалноста на теренот со ускратување на поддршката на Украина, или пак една Харис, која би била продолжување на сегашната неизвесност која го става Западот пред големи предизвици, вели соговорникот во разговор за „Локално“.
Според него, во Македонија не гледа некоја посебна поддршка за едниот или другиот кандидат, бидејќи и ако има, тоа се темели на некои туѓи каузи, а не на наши изворни интереси.
-На пример, како би бил попогоден Трамп за македонските интереси, ако знаеме дека тој само би не терал самите да инвестираме повеќе во одбраната, и дека во случај на закана, не би почнал светска војна „за една Црна Гора“(негова позната изјава од порано!). Секако дека постојат одредени очекувања во Србија или Црна Гора од Трамп, но и без него. Западот правеше многу сериозни отстапки кон Србија само за да ја привлече кон себе, а таа не би се тргнала така лесно од „мајче Русија“,така што е сето тоа една голема заблуда и взаемно мачкање очи, оценува аналитичарот.
Без разлика кој ќе дојде во јануари во Белата куќа, дециден е Даути, Балканот нема да се симне од дневен ред заради многуте потенцијални кризни жаришта, како што се Косово и БиХ.
Можеби „факторот Трамп“ треба да не тера на преиспитување на нашиот однос. Кога беше изборната трка меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп, премиерот на Албанија и изрази поддршка на Хилари, потез херетичен на некој начин, бидејќи еден албански премиер не требаше да се определи меѓу двајца потенцијални идни претседатели, бидејќи тоа би претставувало хендикеп. Но заради другите настани во светот, израелско-арапскиот судир и агресијата на Русија врз Украина, постои опасност да се тргнеме од очите на идниот американски претседател, што не би било баш добро, ако тоа во Србија се сфати како слабост и да не му текне некому таму за лов во матно, иако објективно, тоа би било опасна авантура и разумни политичари не би го дозволиле, ни рече Даути во разговорот.
Тешки зборови и обвинувања во завршните митинзи на Доналд Трамп и Камала Харис за војната во Украина, имиграцијата, економијата, корупцијата, правата на жените. Поранешниот американски претседател вчера изјави дека жали што ја напуштил Белата куќа откако ги загуби претседателските избори во 2020 година, кои никогаш не ги призна.
-По сето она што го поминавме заедно, стоиме на прагот на четирите најголеми години во американската историја. Ќе биде многу добро. Ќе биде многу забавно. Ќе биде малку гадно можеби на почетокот, но тоа ќе биде нешто што оваа земја никогаш не го достигнала и никој никогаш не помислил дека ќе го види, изјави Трамп.
Демократската кандидатка за претседателка, Камала Харис вети дека ќе ја сврти страницата на една деценија политика водена од страв и поделеност и изрази уверување дека ќе победи во трката за Белата куќа.
Не се враќаме назад. Не се враќаме затоа што нашата борба е за иднината. И тоа е борба за слобода, вклучувајќи ја и основната слобода на жената да носи одлуки за сопственото тело, а нејзината влада да не и кажува што да прави“, кажа Харис.
Вашингтон е под засилени безбедносни мерки откако разузнавачките служби предупредија дека Русија и Иран може да ги охрабрат граѓаните за насилни протести по изборите. Москва и Техеран ги отфрлија тврдењата дека се обидуваат да влијаат на изборите во САД.
Н.П.