Косовски аналитичари за „Локално“: Очекуваме смена на Курти по февруари и мирна состојба на Балканот по победата на Трамп

од Nikola Popovski
65 прегледи

Дали политиките на новиот претседател на САД, Доналд Трамп ќе бидат корисни за мирот на Косово и општо на Балканот? Дали ќе се променат клучните позиции на Западен Балкан, односно ќе се зајакне позицијата на Србија, а Косово ќе биде во загуба и дали се очекува можеби прелевање на кризата во други земји, како Македонија, БиХ…? Ова се само дел од прашањата кои се поставуваат по промена на власта во Америка. Дел од јавноста во Приштина смета дека за Косово е многу важно со нова Влада по 9 февруари следната година да ги вратат односите со Америка на вистинскиот пат. Косовскиот аналитичар Фатмир Шехоли не очекува дека ситуацијата на Косово ќе се влоши, напротив, според него, Трамп ќе бара спроведување на сето она што ќе го договорат Косово и Србија и смета дека ќе има забрзан процес на имплементација на договореното во Брисел и Охрид.

Шехоли во разговор за „Локално“ анализира и дека во Македонија, администрацијата на Трамп ќе бара да се спроведат договорите постигнати по конфликтот во 2001 година, односно да не се прекршува Уставот кога е во прашање застапеноста на Албанците во нашата влада.

Фатмир Шехоли

-Во БиХ администрацијата на Трамп ќе ја смири ситуацијата и на сите ќе им даде до знаење дека Дејтонскиот договор е единственото решение. Победата на републиканците, а особено на Трамп, со сигурност значи дека во светот ќе завладее мир и дека светот ќе дише во белите дробови на мирот и развојот, дециден е Шехоли.

На прашањето дали Трамп ќе им „памти и прости“ на косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти за нивната недвосмислена поддршка на Демократите на овие избори, соговорникот истакнува дека постапките и изјавите на Курти против Трамп и Гренел не се за поздравување и секако ќе има последици, но не и за народот на Косово.

-Што се однесува до претседатеката Османи, таа неодамна се обиде да делува неутрално, а како ќе гледа администрацијата на Трамп, останува да видиме. Едно е сигурно, народот на Косово е многу среќен што од 9 февруари, по изборите во Косово, ќе имаме влада која како суверена влада ќе се координира со Америка во се што му помага на Косово кон евроинтеграциите и членството во НАТО, објаснува Шехоли.

Со сличен став е и Експертот за безбедност, Дризан Шала. Тој тврди дека планот на Трамп во изминатиот месец беше мирот и изнаоѓање пат кој оди преку економска соработка и зајакнување на диополитиката меѓу земјите кои имаат различни гледишта.

-Што се однесува до безбедноста, можеме да кажеме дека нема да има безбедносни проблеми врз основа на развојот на настаните кои ќе се карактеризираат по формирањето на новата влада, но и обележувањето на регионите со потенцијал за безбедносна ескалација, минимизирајќи ги безбедносните ризици во овие области од регионот, односно Косово, БиХ преку забраната на политиката на Вучиќ, вели Шала во разговор за „Локално“.

Дризан Шала

Според него, влијанието на хибридната војна од Русија преку Србија до БиХ и С.Македонија, Косово и Црна Гора несомнено ќе биде запрено, а тоа ќе биде и стратешкиот план на новата администрација на претседателот Трамп.

-Бидејќи во 2025 година најверојатно ќе има предвремени национални избори во Северна Македонија, можноста за можно зајакнување на руската политика преку хибридна форма ќе биде минимална, бидејќи поделбата на конститутивните територии на Северна Македонија нема да може да биде дозволена, ако се види интензитетот на руското влијание во земји како Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, посочува косовскиот експерт.

Соговорникот смета дека од стратешка гледна точка, Балканот ќе има голема корист од тоа што претседателот Трамп ќе го стави во третата точка на развој што ќе го карактеризира неговиот мандат, исклучувајќи го кинеското влијание во неговите контури.

-Косово ќе има нова влада која ќе произлезе од изборите на 9 февруари 2025 година, а се чини дека администрацијата на претседателот Трамп нема да се осврне на она што се случуваше во поранешната влада на Косово, туку ќе се фокусира на зајакнување на неговата агенда – вклучувањето на Косово и Србија во меѓународната арена и политичко-безбедносните механизми предводени од Америка, не дозволувајќи влијание на Русија или Кина во регионот, заклучува Шала.

Албин Курти

Колку за потсетување, косовскиот премиер Курти пред изборите во САД отворено ја поддржуваше Камала Харис, па на 23 мај годинава на митинг изјави дека „Косово се вознемирува, кога и да помисли на победа на Трамп“.

Курти тогаш рече дека е малку веројатно долгорочната американска поддршка за Косово да се промени, но „со враќањето на претседателот Трамп, има одреден стрес и вознемиреност низ Европа и на Косово не е поинаку“.

Како што објави тогаш дел од косовските медиуми, „се чинеше дека Курти е очигледно под стрес поради тогашното можно враќање во Белата куќа на Доналд Трамп и републиканците, бидејќи почна да ги иритира официјалните односи со претходната администрација, а конфликтите продолжија и за време на мандатот на претседателот Бајден“.

„За време на неговиот мандат, политиката на Аљбин Курти, неконзистентна со сојузниците на државата Косово, особено со Соединетите Американски Држави, донесе непоправливи последици за Република Косово и нејзината консолидација на меѓународната сцена“, наведе косовска „Демокрација“.

Курти, исто така, учествуваше на Демократската национална конвенција во Чикаго на 19 август, за време на која Камала Харис ја прифати номинацијата за претседателски кандидат на Демократската партија.

Во текот на денот и Курти и Вјоса Османи испратија честитки до Трамп по неговата изборна победа.

Н.П.

Слични содржини