Спасовски за бегството на Груби: „Батериите“ на камерите од „Блаце“ не можат да бидат причина за вакво неодговорно однесување на МВР

од Nikola Popovski
739 прегледи

Екс-министерот за внатрешни работи и актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски бара целосно расветлување на случајот со бегството на поранешниот вицепремиер, Артан Груби и лоцирање на одговорноста за пропуштањето на граничниот премин „Блаце“.

-Секако дека случајот треба да биде целосно расчистен и да се утврди одговорноста, но не само кај полицајците туку и кај нивните претпоставени, како и да се утврди евентуалната политичка одговорност, истакнува Спасовски во изјава за „Локално“.

Според поранешниот прв полицаец во државата, јасно е дека „батериите“ на камерите на гп „Блаце“ не можат да бидат причина за, како што вели, вакво неодговорно и противправно однесување.

-МВР мора да даде одговор дали системот бил функционален и дали работел видео надзорот што е многу лесно проверливо, посочува Спасовски.

Дел од јавноста смета дека бегството на Груби е договорена работа меѓу владејачките партии, на што екс-министерот на полицијата посочува дека мора да се расчистат сите дилеми.

-Доколку не се расчистат сите дилеми и не се утврди одговорноста, секако дека сомнежот и недовербата ќе остане, дециден е Спасовски.

Жестоки реакции во јавноста кој е виновен за пропустот Груби да биде приведен пред да премине граница. Дали е случајна или намерна грешка. Првата одговорност е констатирана, суспензија за двајца полициски службеници, кои го пуштиле надвор од земјава без да направат проверка. Но, дали можело да се направат претходно чекори пред вицепремиерот да излезе од земјава?

„Локално“ пишување и на темата околу дипломатското возило и дипломатскиот пасош на сопатникот на Груби – Арсим Папранику кој е почесен конзул на Косово во земјава. Според тврдењата на поранешниот министер за надворешни работи, Срѓан Керим, проблемот не е во дипломатското возило, туку како Груби излегол.

Дали дипломатското возило и пасош на Папранику го олесни бегството на Груби? – Керим: Сеедно каква патна исправа носиш, полицијата мора да те провери

Oд друга страна, поранешниот амбасадор, Нано Ружин тврди дека кога сте носител на таква исправа, должни сте да ги почитувате правата, Кривичниот законик и граѓанските права во државата во која живеете, но и меѓународните. Во разговор за „Локално“ кажа дека Македонија треба да испрати протестна нота до Косово и да побара објаснување од страна на самиот конзул дека тоа се недозволени форми на користење на еден таков пасош.

Груби избега со дипломатско возило: „Државата треба да испрати протестна нота до Косово и да побара објаснување од страна на самиот конзул“

Од политички агол и акциите на полицијата и обвинителството, јавноста ги поздравува, но, овој случај не смее да се забошотува.

-Ќе видиме дали и овој случај ќе се процесуира до крај или некој ќе се обиде да го забошоти и релативизира. Ако сакаме функционална држава, за промена, ќе мора да има одговорност за сите и конфискација на се што е незаконско или не може да се потврди потеклото. Нели сакаме во ЕУ? Без правда, и правна држава, нема ЕУ, вели политичкиот аналитичар Александар Ристевски во разговор за „Локално“.

Дали почна вистинска борба против криминалот и корупција: „Знаеме како заврши СЈО – со право луѓето се сомневаат и немаат верба“

Според МВР, со тоа службеникот Б.Ј. постапил спротивно на одредби од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. За овој случај Одделот на МВР за внатрешна контрола доставило известување до Специјализирано оддление за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција во ОЈО ГОКК.

Потешко кршење на работниот ред и дисциплина било утврдено кај раководителот на смена Б.А., кој имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери (МССК) и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК.

„Истиот, откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со друг МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат“, објаснуваат од Одделот за внатрешна контрола.

Н.П.

Слични содржини