Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп ќе го избере Ендрју Пик за позиција во Советот за национална безбедност, каде треба да се занимава со регионот на Европа и Евроазија, јавуваат американските медиуми.
Извори блиски до Трамп за „Политико“ велат дека Пик е фаворит, но дека „се уште не е донесена конечна одлука“.
Доколку дојде до конечен избор, може да се каже дека тоа ќе биде една од најконтроверзните номинации на Трамп. Пик веќе беше оперативец во администрацијата на Трамп, прво за Иран и Блискиот Исток, а потоа се пресели на позиција во Советот за национална безбедност за прашања поврзани со Русија. Таму издржа три месеци пред да ја напушти функцијата во услови на истрага за „сомнителни“ активности што се случија за време на неговиот мандат на претходни позиции.
Истрагата беше спроведена во 2019 година, а Пик беше официјално осомничен за „шпионажа“.
Меѓу другото, беа истражени и бројните патувања во Катар и Чешка, каде Пик наводно отишол од приватни причини. Како причина за заминувањето во Чешка се наведува фактот што Пик бил во врска со модел од оваа земја, со која, според истрагата, разговарал за доверливи прашања поврзани со надворешната политика на САД.
Дополнително, Пик е осомничен дека барал доверливи мејлови од други вработени во Стејт департментот, како и за сомнителни набавки за приватни цели. Меѓу нив беше и купувањето на приврзок со нацистичка свастика, кој наводно и го купил како подарок на својата тогашна девојка, која исто така е Еврејка.
Овие наводи, како и други обвинувања, се отфрлени од адвокатскиот тим на Пик. Тие го посочија фактот дека истрагата е прекината како доказ дека станува збор за „лаги и клевети“ на кандидатот на Трамп за важна функција во Советот.
Оваа истрага повторно се најде во фокусот откако извори блиски до тимот на Трамп открија дека Пик ќе има важна позиција во новата администрација на американскиот претседател.