Откако беше објавена веста дека Мишел Обама нема да го придружува сопругот на важни јавни настани, меѓу обожавателите на поранешната претседателска двојка почнаа да кружат гласини за можни проблеми во нивниот брак.
„Поранешниот претседател Барак Обама е потврден како гостин на 60-тата инаугуративна церемонија. Сепак, поранешната прва дама Мишел Обама нема да присуствува на претстојната инаугурација“, изјавија од нивната канцеларија за АП оваа недела.
Мишел го пропушти и погребот на поранешниот претседател Џими Картер на 9 јануари, што беше објаснето со „забуна во нејзиниот распоред“.
Овие две забележителни отсуства предизвикаа бројни реакции на социјалните мрежи. На платформата X, многу корисници изразија сомнежи.
„Мислам дека семејството Обама е на пат кон развод“, напишал еден корисник. Друг додал: „Разводот од Обама не беше на мојата листа на предвидувања за 2025 година, но сега мислам дека тоа може да се случи“. Еден коментар гласел: „Таа и Обама се оддалечија! Се разведуваат! Таа повеќе не сака да биде околу него“. Уште еден корисник напишал: „Изгледа дека разводот е на повидок. Престанаа да се појавуваат заедно на настани, видовме се“.
Дали е тоа политички став?
Сепак, имаше и такви кои ги отфрлија гласините, сугерирајќи дека Мишел едноставно испраќа политичка порака со своите отсуства и дека не сака да биде видена на инаугурацијата на Доналд Трамп, со чија политика не се согласува.
„Не знам ништо за нивниот брак, но јасно е дека Мишел Обама дава многу конкретна политичка изјава со овие отсуства. Таа никогаш не би го избрала погребот на Џими Картер како момент да го објави разводот. Да бидеме реални“, напишал еден корисник на социјалните мрежи.
Друг истакнал: „Мишел Обама тагува за загубата на нејзината мајка… Освен тоа, таа не е политичка фигура, а вие верувате во гласините на ТикТок затоа што го пропушти погребот и нема да присуствува на инаугурацијата?“.
Љубов низ децениите
Барак и Мишел Обама се запознале во 1989 година, додека работеле во истата адвокатска канцеларија во Чикаго. Се венчаа во 1992 година, а за време на бракот добија две ќерки – Малија во 1998 година и Саша во 2001 година.
И покрај тоа што нивниот брак трае со децении, тие не бегаа јавно да зборуваат за предизвиците низ кои минуваа.
Кога станале родители, Мишел често се соочувала со предизвици поради исцрпувачкото шестчасовно дневно патување на Барак до работа во Сенатот на Илиноис, како и неговите чести отсуства на работа.
Во својата книга „Ветена земја“ од 2020 година, Барак го сподели моментот кога Мишел, исцрпена од нејзините обврски, му рекла: „На ова не се согласив, Барак. Се чувствувам како да правам се сама“.
Мишел првично беше скептична за неговата кандидатура за претседател, но подоцна и даде целосна поддршка, сфаќајќи го позитивното влијание што Барак може да го има врз младите Афроамериканци.
Во текот на осумте години поминати во Белата куќа, нивниот брак беше под постојан притисок, но тие успеаја да го сочуваат. Во својата книга, Барак пишува за „суптилната, но постојана напнатост“ во нивниот однос во првите години од неговото претседателствување.
Обновување на љубовта по Белата куќа
По завршувањето на претседателскиот мандат во 2017 година, парот најде време повторно да се поврзе и да ужива во заедничките моменти.
„Спиевме подолго, јадевме лесни вечери, одевме на долги прошетки, пливавме во океанот и планиравме помалку стресен, но подеднакво исполнет втор чин од животот“, напиша Барак.
Мишел искрено зборуваше за предизвиците на бракот во нејзиниот подкаст „The Light“, признавајќи дека понекогаш сака да го „фрли Барак низ прозорецот“, но додаде дека и е мило што не се откажала.
„Морате да знаете дека ќе има периоди кога нема да можете да се издржите еден со друг“, им рекла таа на слушателите.
„Но, тоа не значи дека треба да се откажете. Овие периоди може да траат со години. Имаме многу силен брак. Да се откажав во тешките моменти, ќе ми недостигаше сета убавина што дојде после нив“.