РТС објави за студентските протести, од СНС се побунија: Дали државниот „мегафон“ полека се ослободува од притисокот?

од Nikola Popovski
389 прегледи

Во неделата пред два дена беше време и момент да се слушне како радио-водител се нервира додека ги чита вестите во кои Српската напредна партија (СНС) објавува соопштение во кое ја напаѓа Радио-телевизијата на Србија (РТС) поради известување за протестите во Нови Сад. Се слушнал гласот од Радио Белград на Александар Божовиќ кој бил водител на утринските вести во 6 часот и ги читал на тој начин што снимката брзо станала вирална на социјалните мрежи.

Божовиќ почнал да ги чита вестите со зборот „Јао“, а завршил со згужвување на листовите хартија од кои се читала веста.

Владејачката СНС го нарече скандалозно завчерашното известување на РТС за протестите во Нови Сад и оцени дека тимот ги прекршил сите правила и вредности на објективно и непристрасно новинарство. Претходно РТС во своите вести во 16 часот и 30 минути направи петминутна репортажа за протестот во Нови Сад, на кој денеска учествуваа неколку десетици илјади студенти и граѓани, а по првпат во нивните извештаи се најде и снимка на која се гледа колку граѓани се собраа.

Од СНС информираа дека во наредните денови ќе ги иницираат сите потребни процеси и ќе направат сѐ што можат за, како што наведуваат, „да ги заштитат институциите на Србија, сѐ со цел да се спречи државата да биде понатамошна понижена и јавноста да не биде измамена на невиден начин“.

Зачудува ваквиот развој на настаните со оглед на ситуацијата со медиумите во Србија и нивното изветување на дел од нив кои се „поблиски“ до власта, па се поставува прашањето дали РТС се ослободува од притисокот или гледаат дека работите се менуваат во Србија во смисла на промена на власта…Според независниот новинар и аналитичар Милутин Миша Илиќ, дали и во каков формат ќе опстане ЕУ ќе стане многу појасно оваа година, но тоа не е причина земјите-кандидати да не усвојат добри решенија од постоечката ЕУ и со тоа да ја подобрат демократијата и квалитетот на животот на своите граѓани.

Новинарот во разговор за „Локално“ оценува дека во тамошната јавност малку се споменува понудата на Србија до ЕУ за подобрување на медиумската транспарентност и дополнително регулирање на избирачките списоци во замена за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори.

-Регулаторно тело за електронски медиуми (РЕМ) беше распуштенo за да има напредок во Кластерот 3, но со формирањето на нова агенција во српскиот парламент, изгледа дека работите повторно не одат баш најдобро. Вучиќ во минатото се покажа како принципиелен и во суштина решаваше различни оправдани барања на демонстрантите (кредитите во швајцарски франци, разни синдикални проблеми…), но ја отфрли политизацијата на овие проблеми од страна на, морам да признаам, многу неспособна опозиција од архаична провениенција, посочува Илиќ.

Милутин Илиќ

Соговорникот анализира дека сега на ред е корупцијата. Смета дека српскиот претседател ќе мора брзо и принципиелно да се спротивстави на корупцијата, пред се кај неговите соработници, доколку ѝ мисли добро на Србија.

-Ваков конфликт со „државната телевизија“ во својот мандат имаше и претседателот на Чешка, Милош Земан. Знаеше да му каже на својот ПР пред вклучени камери: „Отворете ја вратата и пуштете ги тие хиени“.

Суштината на тој конфликт беше дека чешката телевизија се обидуваше да биде поамериканска од самите Американци. Во тоа време, Америка беше лулка на неолибералниот колонијализам и „woke некултурата…, истакнува Илиќ.

Сепак, српскиот новинар смета дека ескалацијата во Србија според неговите проценки опаѓа во надолна траекторија.

-Финансирањето за вакви и слични активности од САД е при крај. Суверенистите кои сакаат подобра Србија и кои ќе имаат врска со новата Европа која незапирливо се создава ќе се одвојат од протестантите. Дел од глобалистите ќе останат да продолжат да протестираат, надевајќи се на чудо како големиот лидер во берлинскиот бункер…

Доколку Вучиќ успее во чиста борба против корупцијата без да ги поштеди ниту своите најблиски соработници, формирањето на ново движење ќе го задржи цврсто на власт до крајот на неговиот мандат. Во спротивно, ако се покаже дека неговото движење е некаква имитација на суверенитетот, ќе дојдат нови луѓе и програми, заклучува Илиќ.

Три месеци по трагедијата на железничката станица во Нови Сад, студентските протести и блокади сè уште траат. Како солидарност, на протестите им се приклучува и адвокатската комора која најави едномесечен прекин со работа.

Дијалогот меѓу владините претставници и универзитетските професори, ректори и декани во Србија според најавите, би можел да започне неделава за да се утврди дали се целосно исполнети сите студентски барања. Претседателот на Србија упорно продолжува – дојдете и разговарајте. Повикувајќи се на членот од Уставот со кој се изразува државното единство, тој побара средба од Ректорскиот колегиум на Универзитетот во Белград. „Убеден сум дека само во рамките на дијалогот можеме заеднички да утврдиме дали се исполнети барањата на студентите и во која мера и да прецизираме какви активности треба да се преземат за да се исполнат овие барања на очекуваниот начин. Ве уверувам дека надлежните институции се подготвени да работат деноноќно за да ги исполнат сите барања на студентите“, кажа Вучиќ.

Од Универзитетот во Белград засега не ја коментираат поканата на српскиот претседател за разговор.

За протестите и известувањето на српските државни медиуми, пишуваше и познатиот „Њујорк Тајмс“. Наведуваат дека медиумите како РТС „ја менуваат мелодијата“ во известувањето за огромните протести што се одржуваат во таа земја. Државната телевизија во голема мера ги игнорираше студентските блокади, како што пишува „Њујорк тајмс“, против претседателот Александар Вучиќ, но сега вниманието го насочи кон протестите.

„Откако во голема мера ги игнорираше тримесечните улични демонстрации предводени од студентите низ целата земја, Радио-телевизијата на Србија, долго пропагандниот мегафон на претседателот Александар Вучиќ, одеднаш ја префрли брзината и ги пласираше протестите во Нови Сад на насловната страница на вестите“, објави познатиот њујоршки весник.

Н.П.

Слични содржини