Владата одлучи преку ограничување на маржите да се справува со високите цени на производите

од Nikola Popovski
192 прегледи

Ограничување на трговската маржа на 10 отсто во трговијата на големо и мало за 73 групи прехранбени производи е одлуката што ја донесе Владата на вчерашната седница на која беше презентиран и извештајот на Министерството за економија за поскапувањето на храната во супермаркетите.

На списокот на производи со ограничување на маржите, покрај основните прехранбени како леб и пекарски производи, млеко, месо и месни производи, некои конзервирани производи, овошје, зеленчук, ориз, грав и слично, ќе се најдат и хигиенски производи како детергенти, но, и храна за бебиња, а мерката ќе трае до 30 април, објави портпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција.

Владата препорачува сите супермаркети да почнат јавно да ги објавуваат цените на сите производи што ги продаваат и редовно да ги ажурираат. Предлогот за веб-страници на супермаркети, преку кои граѓаните ќе можат да ги споредат цените на поединечните производи и сами да одлучат од каде ќе пазарат, претходно го соопшти премиерот Христијан Мицкоски.

Дополнително ќе се утврдува дали ќе се прави Велигденска и Рамазанска кошничка. До петок контроли ќе има и кај производителите на млеко и млечни производи и производителите на месо.

Владата го задолжи Министерството за економија да организира итен работен состанок со сите надлежни институции, како што се Државниот пазарен инспекторат и министерствата за финансии и за земјоделство на кој ќе се разгледуваат и други предлози и мерки. Беше донесена и програма за заштита на ранливите потрошувачи на електрична енергија.

-Лицата кои ги исполнуваат условите ќе добијат намалување на месечните сметки за струја од 1.000 денари за период од 12 месеци, рече Митева.

Првите критики за ваквата мерка на Владата пристигнаа од опозицијата. Според СДСМ, Владата донесе мерки кои што ги критикуваше додека беше опозиција.

„Мерките на Владата, како замрзнување на цените и ограничување на трговските маржи – не даваат ефект затоа што не нудат целосен одговор на состојбата“, пишуваше ВМРО-ДПМНЕ на 10.3.2022 година. Лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ не е новина во политиката, тие се по тоа познати, но свесното осиромашување на граѓаните цели осум месеци е грев“, стои меѓу другото во соопштението од „Бихаќка“.

Слични содржини